На денешната прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека СДСМ поднеле кривична пријава против четворица директори и функционери поради, како што тврди Фрчкоски, пропусти и непостапување на надлежните институции во случајот со загадената вода во Гостивар.

Фрчкоски рече дека поминал повеќе од еден месец од случајот, а одговорност од надлежните институции сè уште нема.

Кривичната пријава е поднесена против министерот за здравство, Сашко Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Кирил Лазов, и директорот на Центарот за јавно здравје – Тетово, Шпенди Амети, изјави Фрчковски.

Од СДСМ наведуваат дека постојат сомненија оти пријавените, во својство на службени и одговорни лица, не презеле соодветни мерки за заштита на здравјето на граѓаните и спречување на последиците од загадувањето на водата.

Фрчкоски обвини дека реакцијата на институциите била задоцнета и дека, според нивните наводи, граѓаните 22 дена користеле вода за која подоцна било утврдено дека е загадена. Тој додаде дека во период од пет дена, иако секојдневно биле пријавувани голем број граѓани со здравствени тегоби, институциите не презеле соодветни мерки за утврдување на причината.

Од СДСМ истакнаа и дека доцнело прогласувањето на епидемијата, а информациите за состојбата со водата, како што тврдат, не биле навремено споделувани со јавноста. Партијата посочува и дека не бил објавен целосен извештај или анализа со која би се разјаснила состојбата.

Според Фрчкоски, ваквото постапување довело до сериозни последици по здравјето на граѓаните, поради што, како што рече, одговорноста не смее да остане само на локално ниво.

СДСМ го повика Јавното обвинителство да постапи по кривичната пријава, да ги утврди фактите и да ги обезбеди потребните докази.

„Одговорност мора да има“, порача Фрчкоски.