„Она со пречистителната станица го дава одговорот. Зошто го велам тоа? Од причина што знаете како помина сето тоа, како беше бурно, колку беше нападнато ВМРО-ДПМНЕ од страна на градоначалничката, нели со онаа формулација – рачињата во медот итн. Но, веројатно идејата била некоја друга. Зошто? Заради тоа што истата таа градоначалничка го потпиша истиот договор со истата фирма, комплетно непроменет. Значи до запирка непроменет“, истакна Марија Андоновска, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Андоновска рече дека се знае целта која е на градоначалничката.
„Сето она што го кажува градоначалничката е далеку од вистината и е една лага. Ќе кажам лага бидејќи буквално кога ќе побарате од нејзе нешто да направи како што треба, таа веднаш ви се скарува и уште вечерва има приказна за вас. А, следниот ден излегува и без срам ја презентира на јавноста. И тоа им се случува на сите кои што не сакаат да исполнат она што таа го бара од нив“, појасни таа.
Советничката додаде дека деновиве граѓаните се сведоци на едно префрлање на топката во врска со мостот „Беласица“. А, работата е премногу сериозна бидејќи граѓаните чекаат со часови за да стигнат од Центар до Аеродром или до други дестинации кои што ги поврзува мостот.
„Го слушнавме директорот на Центарот за управување со кризи и прстот го вперува во Град Скопје. Од друга страна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели – ние имаме ограничена одговорност, ние до тука можеме, другото е повторно на Град Скопје. А, Град Скопје не ни дава одговор, па вели се разгледува работата, ќе видиме што ќе биде и прстот го вперува кон овие двајца што претходно ги споменав“, рече Андоновска.
Таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ги нема потребните информации ниту од владините институции, ниту пак од Град Скопје.
„Затоа ние како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска поднесовме барање т.е. иницијатива до Градот Скопје за свикување на седница или поставување на точка на Дневен ред во најбрзо можно време да се разгледа и да ја добиеме информацијата за брза санација на мостот. Или пак да ни се даде информација од која што би произлегле идните решенија, идните можни решенија како би можеле да придонесеме сето тоа да се среди“, укажа Андоновска.
Таа додаде дека не знае дали ќе ги добијат одговорите.