Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на Свечената академија по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, упатувајќи честитки до припадниците на влашката заедница и истакнувајќи го нивниот значаен придонес во историскиот, културниот и општествениот развој на државата.

Во своето обраќање, министерот Андоновски нагласи дека Националниот ден на Власите е значаен не само за влашката заедница, туку и за целата држава, бидејќи преку чествувањето на една заедница се потврдува духот на Македонија како мултиетничка држава на соживот, меѓусебно почитување и разбирање.

„Влашката заедница е нераскинлив дел од историскиот, културниот и општествениот развој на Македонија. Со генерации, Власите даваат силен придонес во економијата, образованието, културата, уметноста, науката, трговијата и јавниот живот“, истакна Андоновски.

Министерот потсети и на значајната улога на Власите во историските процеси и борбата за самостојност, независност и идентитет, посочувајќи дека Македонија не смее да ги заборави своите Власи кои се вткаени во нејзината историја.

Во обраќањето, Андоновски порача дека мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на државата треба да биде дел од секојдневната политика, институционална обврска и јасна определба на секоја одговорна власт.

„Како Влада, остануваме посветени на принципот дека граѓанинот е во центарот на нашите активности. Ја градиме Македонија како дом за сите нејзини граѓани – дом во кој никој не е заборавен, никој не е ставен на страна и никој не е помалку вреден поради својот јазик, етничка припадност, култура или традиција“, нагласи министерот.

Тој додаде дека почитувањето на заедниците не е само културно прашање, туку прашање на демократија, стабилност и европска зрелост. Според него, европската иднина на државата не се темели само на формални процеси, туку и на вредности, меѓу кои еднаквото достоинство на сите граѓани, заштитата на културното наследство и почитувањето на различностите.

Министерот Андоновски изрази благодарност до претставниците на влашката заедница, здруженијата, културните работници, професорите, уметниците и активистите кои придонесуваат влашкото наследство да се зачува, развива и пренесе на следните генерации.

„Државата е посилна кога секоја нејзина заедница е почитувана, видлива и активна. Нека Националниот ден на Власите биде потврда дека различностите не нè делат, туку нè збогатуваат“, порача Андоновски.

На крајот од своето обраќање, министерот го честиташе Националниот ден на Власите и на влашки јазик: „Ti multsã anji dzua natsionalã a Armãnjilor“ – Ви го честитам Националниот ден на Власите.