Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски го обвини СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче дека се спротивставуваат на проекти и инвестиции кои, според него, се важни за развојот на Македонија.

Андоновски во објава на социјалните мрежи оцени дека опозицијата ќе биде против центри за податоци, странски инвестиции, воведување високи технологии и нови вработувања, со цел, како што наведе, државата да не напредува.

„СДСМ и Венко Филипче ќе бидат против сѐ во оваа држава, само за Македонија да не успее. За да не успееме како држава тие ќе бидат и против центри за податоци, и против странски инвестиции, и против влез на високи технологии. Подготвени се да бидат и против нови вработувања – само Македонија да пропаѓа како што пропаѓаше седум години“, напиша Андоновски.

Тој се осврна и на периодот кога, како што наведува, со државата управувала претходната власт, при што оцени дека тоа се покажало и преку политиките на „неговиот патрон“.

„Се покажа во минатото на неговиот патрон чија одлика е да работи сѐ спротивно на македонските граѓани и национални интереси“, наведе министерот.

Андоновски порача дека Владата ќе продолжи со реализација на проекти насочени кон развојот на државата, особено во областа на високите технологии и дигитализацијата.

„Но, ние ќе продолжиме да работиме за иднината и напредокот. За нивно жалење, ќе има и нови инвестиции во високи технологии и ќе се развива Македонија во дигиталната сфера“, порача тој.

Министерот истакна дека развојот на дигиталната сфера, според него, нема да биде на сметка на животната средина.

„Тоа никогаш нема да значи компромис со животната средина, воздухот и водата“, напиша Андоновски.

Во објавата тој упати и критики за работењето на претходни носители на јавни функции, посочувајќи ги како примери прашањата поврзани со болниците и контролата на квалитетот на водата.

„Ние не сме луѓе кои ќе дозволат, заради матни тендери, живи да изгорат пациенти во болници. Или да немаат една контрола за чистота на вода со години, а да вршат функција министер за здравство“, порача Андоновски.