Јавен повик за кандидирање на претседателки на Унијата на жени на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде распишан во периодот што следи. Одлуката е донесена на конститутивната седница на Извршниот комитет на Унијата на жени, на која присуствувал и претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

На седницата биле разгледани актуелните политички и економски состојби, како и идните активности и приоритети на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Во рамки на состанокот било разговарано и за подготовка на нова програма на Унијата на жени. Според партиското соопштение, програмата ќе се темели на пет стратешки приоритети и ќе содржи конкретни активности, иницијативи и настани.

Во делот на кадровските прашања, Извршниот комитет донел одлука за распишување јавен повик за кандидирање на претседателки на Унијата на жени во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека целта е да се зајакне организациската поставеност и да се овозможи поголема вклученост на жените во политиката. Притоа, како што наведуваат, повикот треба да отвори простор и за нови лица, нова енергија, идеи и иницијативи.

Во периодот што следи ќе биде објавен јавен повик за аплицирање за сите заинтересирани жени кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ и сакаат да преземат одговорност и да придонесат за развојот на Унијата на жени.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека Унијата на жени останува отворена за секоја жена која има визија, идеја и желба да придонесе за, како што наведуваат, подобра и просперитетна Македонија.

„За една повеќе!“, се наведува во соопштението.