Нема подготвеност за каква било промена во Северна Македонија, изјави Ангел Димитров, кој е копретседавач во Мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Бугарија и Северна Македонија.

Тој во изјава за БНТ, што ја пренесува новинската агенција БГНЕС, се осврнува на атмосферата во која работела Заедничката историска комисија на нејзиниот 20-ти последователен состанок, минатата недела во Скопје.

-Во средината на минатата недела, телевизиите главно се занимаваа со предлогот, попрво барањето на ДПМНЕ за распишување референдум, на кој, според нив, целосно ќе се отфрли Договорот за добрососедство со Бугарија. Оваа атмосфера беше позадината во која се одвиваа нашите разговори. Јасно можев да ја видам загриженоста на дел од колегите, бидејќи некои од нив рекоа дека се подложени на закани и притисоци кога нешто менуваат во својата позиција, нагласува Димитров, според кого, тоа јасно сугерира што се случува во земјава.

Тој во контекстов посочува и на студијата на германската фондација „Конрад Аденауер“ која дава податоци за ставовите на луѓето во Северна Македонија, според која, 44 отсто од испитаниците за најголем непријател на нивната земја ја посочиле Бугарија.

-Нивниот најголем пријател е Србија – така мислат 37,4 отсто. Над 65 отсто се поддржувачи на идејата за Отворен Балкан, идеја што ја лансираше Србија за мини или повторна Југославија. Највисоко оценет претседател е Борис Трајковски, кој трагично загина под сомнителни околности во авионска несреќа. Парадоксот е што Трајковски беше добар пријател на Бугарија. Тамошните луѓе, кои тврдат дека имаат длабоки историски корени, размислуваат само по 1944 година. Немаат сознанија за тоа што се случувало ни во првата половина на минатиот век, кога населението таму беше прогласено за српско, и кога имаше терористички режим, кога имаше големо насилство и постојани репресии. Тоа изгледа воопшто не ги интересира, ги знаат само пропагандите и манипулациите по 1944 година, за жал, оваа пропаганда е антибугарска, вели Димитров.

Тој нагласува и дека прашањето за Гоце Делчев е постојано во програмата на Комисијата веќе трета година, но всушност не се разговара за тоа. Она што е одлучено и најавено е дека треба да се пристапи кон промена на нивните учебници, додава Димитров, според кого, тоа треба да се направи веднаш со дополнување без печатење на нови учебници.

-Она што е одлучено и најавено е дека треба да се пристапи кон промена на нивните учебници. Зборуваме за учебникот надвор од нашата заедничка историја. Сигнал дека бугарската страна има намера прецизно да ги спроведе одлуките на комисијата даде нашата средба пред да заминеме за Скопје со раководството на Министерството за образование, кое со разбирање го прифати она што го решивме. Белешките за нашите учебници се општи, тие не допираат важни работи во толкувањето и се пуста желба, но она што треба да го направат е да видиме реципрочна акција, почитување на заедничката комисија и да направат сериозни измени во нивните учебници. Ова треба да се направи веднаш. Учебниците може да се дополнат и без да се печатат нови, коментира Димитров.

Тој смета дека сета оваа политичка тензија во Скопје е на тема бугаризација.

-Многу е интересно што во 1990-тите највисоките политичари, па дури и самиот претседател говореа дека дојдовме до крајот на дебугаризацијата. Сега стравуваат дека ќе дојде до бугаризација, што е апсурдно. Самиот Пендаровски ова го дефинираше како керфишек, но рече дека треба да бидат мирни бидејќи имаме длабоки историски корени, а тоа е и сигнал до комисијата, појаснува Димитров.

Дводневната средба во Скопје што се одржа на 14 и 15 септември, помина без прес-конференција или изјави за медимите на членовите на двата тима во заедничката комисија. Тема на средбата беа учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

– Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година, соопшти македонскиот тим во Комисијата.

На оваа рунда разговори во македонскиот тим се приклучи Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја, кој доаѓа на местото на Ванчо Ѓоргиев, кој лани ја напушти Комисијата.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на претходната средба на 15 август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓоргиев по објавата на препораките, тогаш на прес-конференција говорејќи во однос на учебниците, појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, и кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии, омраза итн. Ѓоргиев оцени дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата и нагласи дека по секоја цена нема да се носат решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија.