Професорот Ангел Димитров, кој е копретседател на заедничката македонско-бугарска мешовита комисија за историски и образовни прашања, во интервју за Бугарското национално радио денеска вели дека имало цикличност во однесувањето на, како што кажа, нашата млада сосетка Северна Македонија.

Кога се чувствува поактивна комуникација, тврди Димитров „факторите со неосветлено минато или скриени позиции се активираат за да се спречат“.

Тој вели дека заедничката комисија мора да работи и ќе работи, а дека секој обид да се прекине нејзината работа бил гест на лоша волја и лошо постапување со Договорот за пријателство и добрососедство.

-Но, јасно е дека постои притисок врз работата на комисијата од страна на Северна Македонија, дека луѓето таму си го поставуваат прашањето – како ќе им се дозволи да ги направат корекциите кои се неопходни, вели Димитров.

Копретседателот на комисијата од македонска страна Драги Ѓоргиев деновиве изјави дека ако во овој момент историската комисија прави проблем на патот по кој се тргнати двете влади, да се релаксира политичката атмосфера, тој би бил согласен работата на комисијата да се замрзне на година, две бидејќи постоело чувство дека таа комисија создава проблеми преку препукувањата во јавноста.