Ангела Агелер, американската амбасадорка во Македонија изразува разочарување од последните одлуки на апелација. Затоа правосудството има толку низок рејтинг, а наводно Агелер заклучила дека иако САД вложиле 250 милиони евра во реформи, резултати нема.
Агелер е загрижена и разочарана поради големиот број предмети, кои Апелацискиот суд ги враќа на повторно судење. Таа, според информацијата која ја објави тв Алсат, испратила отворено писмо до судските и извршните органи на 11-ти овој месец.
„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, забележала Агелер.
Дописот, според Алсат, главно се однесува на случаите за кои е загрижена јавноста и кои се поврзани со судењата против поранешните функционери кои ја злоупотребиле службената должност и го оштетиле државниот буџет. Според информациите на Алсат, дописот со иста содржина, освен до Владата (премиерот), бил испратен и до министрите Кренар Лога и Бујар Османи, до Врховниот суд, Апелациониот суд и до некои други Основни судови.