Повеќе од 15 пожари на отворен простор се активни во земјава, а два од нив во текот на денот директно ги загрозиле населените места, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој оцени дека денешниот ден е еден од најтешките во досегашниот дел од сезоната.
Пожарот кај Струмица стигнал до куќите
Како еден од најсериозните пожари, Ангелов го посочи огнот во близина на селата Баница и Водоча, непосредно до Струмица. Пожарот стигнал на само неколку метри од првите куќи, но брзата интервенција на струмичките пожарникари, со поддршка од екипи од Валандово и Радовиш, спречила поголема опасност. Во создавањето противпожарни пресеци помогнал и градоначалникот на Струмица со расположливата механизација, а била ангажирана и механизација од Дирекцијата за заштита и спасување.
Активни пожари и во Прилеп, Желино и Маврово-Ростуше
Пожарот кај Струмица и натаму е активен во полето, додека огнот во Општина Прилеп, во близина на гробиштата, во одреден момент ја загрозил викенд-населбата, но сега е ставен под целосна контрола. Во неговото гаснење учествувале прилепските пожарникари со поддршка од тимови од Битола и Кавадарци. Активен пожар има и во Општина Желино, во планинскиот дел спроти Карпала, каде што може да бидат загрозени викендички и земјоделски површини.
Високите температури и ветерот дополнително ја отежнуваат ситуацијата
Ангелов информираше и за пожарот во Општина Маврово и Ростуше, кој е активен од вчера, како и за пожарот над Драчево, каде што интервенира Скопската бригада. Повторно се активирал и пожарот над Китка, кој може да се прошири кон блиските планински села. Високите температури, кои се приближуваат до 40 степени, и засилениот ветер што го менува правецот дополнително го отежнуваат гаснењето. Ангелов апелираше до граѓаните да бидат исклучително внимателни и да не предизвикуваат пожари на отворен простор, нагласувајќи дека и мала искра може да предизвика сериозна опасност.
