Како политичар но и како Директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов ги коментираше вчерашните реакции во јавноста по повод апсењето на Ламбе Алабаковски, осомничен за палењето на центарот за култура Иван Михајлов во Битола.
– На оваа тема можам да зборувам и како директор на ЦУК. Нели во Битола имавме пожар кој можеше да се прошири на околните згради и да ги загрози животите, а пожарите се во надлежност на ЦУК. Сметам дека постапката на Ламбе, колку и на прва е симпатична, јас го разбирам, но не можам да го оправдам. Кај граѓаните во јавноста, неговата постапка наиде на одобрување, но затоа е виновна бугарската страна, бидејќи антагонизмот дојде на такво ниво, да ние на еден ваков чин гледаме со симпатии, изјави во Утрински брифинг Стојанче Ангелов, лидер на Достоинство и директор на ЦУК.
Тој објаснува дека од неколку аспекти целиот случај со Клубот е провокација на која „падна“ државата и граѓаните.
– Прво изборот на Градот Битола за отворање на еден ваков клуб во кој нема Бугари односно или има стотина според пописот на населението, потоа намерното бирање на името на овој клуб – Ванчо Михајлов е однапред смислено за провокација. Јас и вчера кажав, овој клуб Ванчо Михајлов беше отворен за да биде искршен или запален. Тоа е однапред смислена провокација на која што наседнавме. Треба да се види дали наивно или на друг начин наседнавме. Сега граѓаните колку и да гледаат со еуфорија и со симпатии кон овој чин, штетата за нас како држава е голема бидејќи ние сега ги потврдуваме бугарските тези дека ние не сме пријателски настроени кон Бугарија, дека не ги сакаме Бугарите, дека Бугарите немаат права – тие отворија културен клуб која патем има име на фашистот Ванчо Михајлов, но тој е културен клуб, а ние тој културен клуб го запаливме како држава и сега Ламбе ќе биде идентификуван како Македонија како сите Македонци, вели Ангелов.