„Систематските напади од Груевски врз Мицкоски ќе доживеат фијаско, а ВМРО ДПМНЕ со Мицкоски на чело, од нив ќе излезе уште посилно“, пишува во својата анализа на Фејсбук, директорот на ЦУК и лидер на политичката партија „Достоинство“, Стојанче Ангелов.
Ангелов со статус насловен „Со пуканки и пиво“ вели дека ги анализира преписките меѓу Груевски и Мицкоски, а дека водејќи се од своето искуство и „ВМРО за Македонија“ од се ова бенефет ќе има само раководството на чело со Христијан Мицкоски, а членството „ќе се збие“.
Неговиот статус го пренесуваме во продолжение:
СО ПУКАНКИ И ПИВО
Внимателно ги следам случувањата на македонската политичка сцена. Во некои од нив и самиот непосредно учествувам. И како креатор на политики, но повеќе како аналитичар или коментатор во честите јавни настапи.
Моја проценка е дека вербалното и пишано амнестирање и величење на носителот на Режимот Никола Груевски како авторитет кој ќе помогне да поминат уставните измени и со тоа Македонија ќе продолжи по нејзиниот европски пат, од страна на некои од перјаниците на владејачката гарнитура, ќе резултира со дополнително збивање на и онака густо збиените редови на ВМРО ДПМНЕ.
Систематските напади од Груевски врз Мицкоски ќе доживеат фијаско, а ВМРО ДПМНЕ со Мицкоски на чело, од нив ќе излезе уште посилно.
Ова го зборувам особено поучен од моето лично политичко искуство кога заедно со иконата на ВМРО-то, војводата Љубчо Георгиевски како и братот Љубе Бошкоски со нашата предизборна коалиција “ВМРО за Македонија” во 2016-та тргнавме во директна политичка пресметка со тогашниот лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. Битка во која бевме прегазени од ВМРО ДПМНЕ и која на изборите во декември 2016-тата ја загубивме со освоени 25.500 гласови кои не беа доволни за пратеник од нашата коалиција.
Иако се шеташе со “ножеви забиени во грб” од неговиот претходник Љубчо Георгиевски, Никола Груевски победуваше на сите избори и се одржа на власт повеќе од 10 години. Груевски победи дури и во декември 2016-та после сите објавени “бомби”, коалиции и револуции.
Ваквата цврстина на врвот на ВМРО ДПМНЕ, но и на СДСМ, доаѓа од повеќе причини кои детално ќе ги елаборирам во некој друг текст. Во глобала се работи за два типа на интерес или очекувања. Првиот Македонија, а вториот личен. Или двата измешани заедно. А можеби и по обратен редослед. Можеби и без вториот од обратниот редослед.
Кога во СДСМ би се случила слична внатрешна битка резултатот би бил ист како во мојата проценка за ВМРО ДПМНЕ., пишува Ангелов.