Една од основните заложби ќе ми биде и унапредување на наставата и квалитетот на наставата преку акредитација на нови интердисциплинарни студиски програми, во кои ќе се инкорпорираат резултатите од научните истражувања, програми во кои ќе има поголема застапеност на практичната настава и на сознанијата стекнати низ апликативната работа на професорите. Ќе се залагам и за поголема мотивираност на наставниот кадар. Како и досега ќе се продолжам во насока на зголемување на инвестиционите вложувања во капитални подобрувања во објектите и опремата, лабораториите, софтверите, и генерално подобрување на условите во кои студираат нашите студенти, вели професорката Биљана Ангелова кандидатка за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

-Првенствено ќе се залагам за зголемување на постојните извори на финансирање кои ги обезбедуваме од Министерството за образование и наука, но и обезбедување на нови дополнителни извори на финансирање. Новите извори на финансирање ќе се обезбедуваат преку вмрежување и обезбедување на полесен пристап на универзитетските тимови за членство во Европските конзорциуми за истражувачка инфраструктура, како ERICs, и други истражувачки асоцијации фокусирани на одделни научни области, што ќе доведе до повеќе можности за учество на нашите единици на Европските проекти и вмрежување во европската истражувачка инфраструктура, а со тоа и повисок рејтинг на Универзитетот. Потоа ќе се залагам за развој на универзитетско претприемништво и зајакнување на соработката со бизнис секторот како нов дополнителен извор на приходи, додава таа.

Ангелова додава дека ќе направи максимални заложби за партиципирање во користењето на Европските можности за инвестиции во истражување и развој, во синергија со ЕУ програмите кои финансираат наука и истражувања. Во делот на науката ќе настојувам да обезбедиме поголема научно-истражувачка продуктивност преку пристап до платформите на „отворена наука“ и до истражувачката инфраструктура поврзана на Европскиот облак за отворена наука.

– Имам јасна визија за сите проблеми и можности и во својата Програма за работа понудив реални и остварливи решенија за раст и развој на Универзитетот. Верувам во капацитетот и желбата на академската заедница на УКИМ и уште повеќе дека сите заедно можеме да се заложиме и да ја оствариме нашата заедничка цел а тоа е подобар УКИМ, со европски вредности чие место е на европскиот високообразовен простор. Ваквиот начин на претставување дава можност на секој од нас да се претставиме пред широката академска заедница на УКИМ и да ги презентираме нашите визии, решенијата што ги нудиме и она што е најважно да дискутираме за многу отворени прашања и да разјасниме многу дилеми. Она за што најмногу ќе се залагам е трансформација на Универзитетот кој создава и промовира европски вредности. Сите активности за кои се залагам во својата Програма рефлектираат бенефити за студентите, професорите и нови вредности кои УКИМ ќе ги испорачува кон општествената заедница – бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, појаснува таа.

Ангелова вели дека за да се излезе во пресрет на барањата на пазарот на труд не значи дизајнирање на образовните програми само од перспектива на работодавачите. „Добрата теорија” останува висок приоритет на образованието што им се нуди на нашите студенти, но, ќе биде потребно постојано да се изнаоѓа рамнотежа меѓу генеричките и академски знаења од една страна и праксата и специфични знаења од друга страна.

-Уделот на практичната настава мора да се зголемува. УКИМ има обезбедено голем број меморандуми за соработка со бизнис секторот кој е секогаш отворен за соработка и за практикантство на нашите студенти. Покрај стручните компетенции стекнати во процесот на академска едукација, за студентите ќе треба да обезбедиме и стекнување на дополнителни трансферзални вештини кои ги бара пазарот а тоа се пред се нумерички вештини и вештини за користење на дигитални алатки, кои ќе развијат способност кај студентите за критично размислување и за решавање на проблеми. Развојот на вработливост значи воспоставување на рамнотежата меѓу академското знаење, практичното know-how и меките вештини (softskills) кои мора да бидат специфично поставени за секоја образовна програма зависно од: научното подрачје, таргетираните компетенции, таргетираните работни места и социо-економското окружување, додава Ангелова.

Професор Биљана Ангелова е родена во Скопје. Додипломски и последипломски студии завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и докторирала во 1999 година на Економскиот факултет.

Во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент. Автор е на голем број научни публикации и меѓу првите 30 најцитирани научници на Google Scholar.

Во периодот 2006 – 2008 година била раководител на втор циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Била прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт.

Во два мандати била директор на Економскиот институт. Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот.