Народната банка очекува инфлацијата годинава да се стабилизира, да забави и да изнесува 8 до 9 проценти. Како што рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во овие услови на криза фокусот е ставен врз макроекономските политики, но клучниот двигател на растот се структурните реформи.
Ангеловска-Бежоска, која учествуваше на конференцијата „Предизвици на економските политики во 2023 година“, напомена дека колку економијата е трговски поотворена и по увозно зависна особено во енергетскиот сектор, како што е нашата, толку шокот од кризата е поголем.
-Нашето основно макроекономско сценарио е дека двоцифрената инфлација од минатата година постепено ќе се стабилизира и ќе забавува. Оваа година очекуваме да изнесува 8 до 9 проценти, а на среден рок да продолжи да забавува, без притоа економијата да влезе во рецесија. Но, има важни претпоставки за ова сценарио да се оствари. Пред се, многу е важен глобалниот контекст кој се уште е многу неизвесен. Во однос на домашните фактори, многу е битно да продолжиме со координирани прудентни макроекономски политики кои ќе бидат насочени кон поддршка на најпогодените сегменти од економијата, краткорочно да се делува, но истовремено и со зајакнување, а инвестицискиот циклус може да одигра клучна улога. Фокусот ни е на макроекономските политики и тие по правило се прва линија на одбрана, како и прва линија на инструменти за стабилизација на економијата, но не се и клучниот двигател на растот. Тоа се структурните реформи кои се очигледно повеќе од потребни зашто дел од предизвиците со кои се соочуваме сега, се резултат токму на недоволниот фокус во сферата на структурните реформи во изминатите три децении, истакна Ангеловска-Бежоска.
Според неа, во услови на вакви инфлациски движења, централните банки немаа друг избор освен да реагираат во насока на затегнување на монетарната политика.
-Ние, практично, во глобални рамки, се соочуваме со најсинхронизираниот циклус на затегнување на монетарните политики во изминатите 50 години со интензитет кој е двојно посилен од просечниот на претходните инфлациски епизоди. Затегнувањето може да го успори растот кој секако забавува. Но, прашањето е, колкаво ќе биде тоа забавување, дали тоа забавување ќе биде брзо, остро и нагло или ќе биде поспоро и поумерено со што економиите ќе ја избегнат рецесијата, посочи гувернерката на панелот „Како истворемено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата“.
Нејзина оценка е дека светот не се соочува со една криза, туку со неколку последователни кризи од невидени размери, кои долго траат и се специфични по својата природа – го забавуваат растот, а истовремено ја зголемуваат инфлацијата.
-Во услови кога инфлацијата забрзува, просторот за реакција на носителите на макроекономските политики е ограничен. Речиси нема економија во која инфлацијата не забрза и каде не достигна историски високи нивоа, но има разлики. Колку економијата е трговски поотворена и поувозно зависна, особено во енергетскиот сектор каде сега и се случуваат шоковите, економија во која е поголемо учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошница, реакцијата е поизразена. Пример за тоа е македонската економија. Нашата трговска отвореност е двојно повисока во споредба со ЕУ, имаме многу повисока енергетска зависност. Не само што сме увозно зависни, туку ние во просек трошиме два до три пати повеќе енергија за да произведеме една единица бруто домашен производ. Тоа значи дека сме многу поранливи. Учеството на храна и енергија во потрошувачката кошница кај нас е над 50-на проценти, а во ЕУ е 30-на отсто. Ова јасно зборува за силината на шокот што не погодува, подвлече Ангеловска-Бежоска.
На панелот зборуваа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, како и советникот во Стопанската комора Зоран Јовановски.
Конференцијата ја организира Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора, а ја отворија премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Советот Глигор Бишев.