Во изјава за медиумите, Ангеловска-Бежоска рече дека со оглед на движењето на цените на храната и на енергенсите, најверојатно ќе биде направена умерена нагорна ревизија на инфлацијата со следните макроекономски проекции.

– Со априлскиот циклус на проекции проектиравме стапка на инфлација од 2,2 проценти, но судејќи ги најновите остварувања кај инфлацијата, како и проекциите, особено за движењето на цените на храната и енергијата, најверојатно ќе направиме умерена нагорна ревизија на инфлацијата. Тоа ќе биде направено со новиот цикулс на макроекономски проекции кој е во фаза на финализација, изјави Ангеловска-Бежоска по настанот посветен на проектот за зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија.

Инфлацијата, како што додаде, засега се очекува да остане во умерени рамки, како што предвидува и Меѓународниот монетарен фонд.

Во однос на стабилноста на денарот, гувернерката повтори дека оптимална стратегија е стратегијата на одржување на стабилен девизен курс, а причината за тоа, како што рече, е структурата на домашната економија.

– За да може оваа стратегија да се одржува стабилно од клучно значење е нивото на девизни резерви. Нивото на девизни резерви согласно сите меѓународни стандарди се одржува на високо солидно ниво, оцени Ангеловска-Бежовска.