– Со цел да се отстранат економските лузни од пандемијата, треба да се зајакне отпорноста на економиите и да се стимулира растот на продуктивноста. Притоа, треба да се продолжи и со решавањето на претпандемиските структурни прашања, но и да се биде во чекор со постпандемичните потреби што се појавуваат, особено во областа на дигитализацијата, потенцира Ангеловска-Бежоска.
Во своето излагање, таа се осврна и на потребата од вложување во инфраструктурата, особено во информатичката инфраструктура, како основа на новата економија, со цел да се забрза дигиталната трансформација на економиите.
– Иако е очигледно дека трендот на дигитализација беше забрзан и зајакнат од здравствената криза, треба да се вложат поголеми напори за надградба на инфраструктурата, проширување на пристапот до информатичко-комуникациската технологија, промовирање ефективна и широко распространета транзиција на многу активности на дигитални платформи и затворање на дигиталниот јаз во економиите. Ова ќе ги зголеми придобивките во продуктивноста преку побрзо усвојување нови производи и процеси и ќе му овозможи на приватниот сектор непречено приспособување кон промените што ги носи здравствената криза, истакна гувернерката на Народната банка.
Покрај тоа, како што посочи таа, со зголемувањето на „традиционалните“ инвестиции во транспортот, здравството и енергијата би се подобрила конкурентноста и би дошло до повеќе вработувања, со што земјите би станале поотпорни и одржливи.
– Квалитетот на работната сила е еден од клучните предуслови за подигнување на можностите за одржлив економски раст и затоа треба да се цели кон зголемување и трансформирање на човечкиот капитал во економијата, паралелно со дигиталната трансформација. Оттука, треба да им се посвети посебно внимание на заживувањето и трансформацијата на човечкиот капитал, преку пренасочување и зголемување на квалификациите за нови вештини, што треба да биде поддржано со зголемени инвестиции, особено во вештините за „новите постпандемиски работни места“ и со активни политики на пазарот на трудот, со што ќе се ублажат некои од структурните проблеми на пазарот на трудот, додаде Ангеловска-Бежоска.
Во дискусијата, Ангеловска-Бежоска се осврна и на прашањата за инфлацијата, при што беше истакнато дека во целиот регион, во овој период, се забележуваат ценовни движења коишто се под влијае на растот на глобалните цени, при што е потребно постојано следење на состојбите, иако сепак се очекува нормализација веќе следната година, за кога се очекува пад на цената на примарните производи на светските пазари.
Ангелоска-Бежоска го искористи учеството на високите претставници на централните банки од регионот на овој клучен собир и за повеќе билатерални средби со своите колеги од другите централни банки, при што беа резимирани согледувањата од досегашното искуство со пандемијата и влогот на централните банки, а се разговараше и за натамошно продлабочување на соработката, како на реагионално, така и на билатерално ниво.
Како што информира Народната банка, на настанот учествуваа гувернери на централни банки од речиси сите земји од регионот.