Според анкета на социолошката компанија Пулфиш спроведена минатиот месец врз 1.000 луѓе – 65 отсто од американските работници, кои наведуваат дека нивната работа може да се заврши од далечина, се подготвени да земаат пониска плата за да останат да работат од дома.

Повеќето луѓе велат дека се подготвени да им бидат намалени платите за најмногу пет отсто, додека 15 проценти од испитаниците велат дека се подготвени да се откажат од 25 отсто од платата.

Четириесет и шест отсто се со став дека можат да се откажат од една четвртина од слободните денови, а 15 отсто велат дека ќе се откажат од сите платени слободни денови само за да работат од дома.

Анкетата има и забавен дел. Имено испитаниците биле прашани што би жртвувале за да работат од дома. Повеќе од половина од нив велат дека ќе се откажат од Нетфликс, социјалните мрежи или Амазон за една година. Една третина од испитаниците дури изјавуваат дека ќе се откажат од правото на глас на сите идни национални и локални избори.