Турција е зафатена од најкатастрофални шумски пожари досега, уништувајќи шуми и богати земјоделски површини долж делови од турскиот медитерански и егејски брег.

Во градот Мармарис се забележани земјоделци како ги извлекуваат животните од запалените плевни и ги повлекуваат на безбедни места кон плажите.

Температурите од над 40 степени Целзиусови во јужниот дел на Турција, исто така, предизвикаа рекорден скок во потрошувачката на електрична енергија, поради што вчера беше прекинато снабдувањето со струја во Анкара и Истанбул.

Градоначалникот на егејскиот крајбрежен град Милас, Мухамет Токат изрази загриженост поради евентуалната катастрофа доколку неконтролираниот пожар, од кој се издигнуваат огромни облаци чад над регионот, ја зафати локалната термоцентрала.

– Ова е критично место. Пожарот стигна до станбени комплекси. Доколку премине преку ридот, тоа значи дека огнот ќе достигне сосема нова димензија, објави Токат на Твитер.