Над 80 проценти од испитаниците се запознаени со предложените измени

Повеќе од две третини од граѓаните кои се запознаени со предложените измени на Законот за заштита од употреба на тутунски и сродни производи ги поддржуваат мерките за забрана на пушење на јавни места, покажува истражувањето на порталот МКД.мк, спроведено од агенцијата „Маркет вижн“.

Анкетата, реализирана во периодот од 10 до 27 јуни на примерок од 1.200 испитаници, покажува дека 83 проценти од граѓаните се информирани за предложените законски измени.

Само 16,2 проценти од анкетираните одговориле дека не се запознаени со предложените измени.

Од испитаниците кои изјавиле дека ги познаваат измените, 68 проценти рекле дека ги поддржуваат предложените решенија, додека 28,2 проценти имаат негативен став.

Законот е во собраниска процедура

Предлог-измените веќе го поминаа првото читање во Собранието, а следува разгледување во матичните комисии, поднесување амандмани и повторно враќање на пленарна седница за второ читање и конечно гласање.

Негативен став и за брзите кредити

Истражувањето покажува дека мнозинството граѓани имаат негативен став и кон продавниците за пари и компаниите што одобруваат брзи кредити.

Анкетата е спроведена со методот CATI (телефонско анкетирање со компјутерска поддршка) на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници, распределени според пол, возраст, етничка припадност, регион и тип на место на живеење, согласно податоците од Пописот на населението од 2021 година.

Истражувањето е изработено со интервал на доверба од 95 проценти и статистичка маргина на грешка од ±3 проценти.