Осум партии и коалиции имаат шанса да влезат во следниот парламент на Бугарија, покажува истражувањето на Сова Харис, јави БТА.
Податоците се од анкета во периодот од 22 до 26 септември 2022 година, меѓу илјада бугарски граѓани.
Според истражувањето, доколку изборите се одржат денеска, за ГЕРБ-СДС би гласале 27,5 отсто од оние кои посочиле одредена партија или коалиција; за „Продолжуваме на промената“ – 19,0 отсто, за ДПС – 12,5 отсто, за „БСП за Бугарија“ – 12,1 отсто, за „Преродба“ – 9,5 отсто, за „Демократска Бугарија – обединување“ – 5,7 отсто, за „Има таков народ“ – 4,6 отсто.
Според податоците од анкетата, 47 отсто од гласачите се апсолутно сигурни дека ќе гласаат на 2 октомври 2022 година. Очекувањата се дека на гласање ќе излезат околу 40 отсто избирачи, наведуваат од агенцијата.
Од гласачите, 40,1 отсто очекуваат ГЕРБ-СДС да биде првата политичка сила по изборите, а 17,5 отсто се со став дека прва политичка сила ќе биде „Продолжуваме со промените“.
Според 22,6 отсто, влада избрана со мандат на ГЕРБ-СДС најуспешно би ја водела Бугарија низ кризата. Речиси ист дел од анкетираните – 21,9 отсто сметаат дека тоа може да се направи преку мандатот на „Продолжуваме со промената“.
Службената влада ќе обезбеди услови за фер и демократски избори според 44,8 отсто од полнолетните анкетирани Бугари, додека 21,7 отсто се сомневаат и сметаат дека тоа нема да се случи.
-Вербата во интегритетот и независноста на нашата изборна администрација е разнишана. Ова не е добро за целокупната состојба во државата и бара напори не само од државните институции, туку и од многу фактори како граѓанското општество, медиумите… Довербата во изборниот процес би била гаранција за легитимитетот на демократски избраната влада во нашата земја, додаваат од Сова Харис.
Според податоците, 30,9 отсто од испитаниците изјавиле дека немаат доволно пари ниту за најпотребните работи, 62,6 отсто споделиле дека парите им се доволни само за најосновните работи.
Половина од анкетираните сметаат дека Бугарија не треба да стане претседателска република.