Анкетата покажува висока склоност кон емиграција, особено кај лицата со мигрантско потекло
Сè поголем број жители на Германија размислуваат за заминување од земјата, покажуваат резултатите од истражувањето на Германскиот центар за истражување на интеграцијата и миграцијата, пренесува ДПА. Според анкетата, значителен дел од населението барем еднаш сериозно ја разгледал можноста за емиграција, иако мал број имаат конкретни планови.
Во истражувањето, 21 отсто од анкетираните изјавиле дека размислувале да ја напуштат Германија. Кај Германците без мигрантско потекло, овој процент изнесува 17 отсто. Кај лицата кои самите имигрирале во Германија, склоноста кон заминување е значително поголема и достигнува 34 отсто.
Подобар живот и дискриминацијата меѓу главните причини
Најчеста причина за размислување за емиграција е надежта за подобар живот. Овој мотив го навеле речиси половина од оние кои изјавиле дека би ја напуштиле земјата. Кај лицата со мигрантско потекло, како дополнителен фактор често се наведуваат и искуства со дискриминација.
И покрај ваквите ставови, конкретните намери за заминување се ретки. Само 2 отсто од испитаниците изјавиле дека планираат да се преселат во странство во рок од една година.
Демографски последици и одлив на население
Според податоците на Федералната статистичка служба, во текот на 2024 година Германија ја напуштиле околу 1,2 милиони луѓе. Истражувањето посочува дека во јавните дебати за имиграцијата често се занемарува фактот дека земјата истовремено се соочува и со континуиран одлив на население, што има влијание врз демографските текови и недостигот на работна сила.
Највисока склоност кон емиграција е забележана кај лицата со семејни врски во Турција, Блискиот Исток и Северна Африка, каде 39 отсто размислувале за заминување. Следуваат имигрантите од поранешниот Советски Сојуз со 31 отсто, како и оние од други земји на Европската Унија со 28 отсто.
Истражувањето било спроведено во периодот од летото 2024 до летото 2025 година и опфатило вкупно 2.933 испитаници.
