Повеќе од една третина од граѓаните сметаат дека работите во Македонија одат во правилна насока, што е за три проценти повеќе од резултатот на истото прашање од анкетата во април годинава. Истражувањето на МКД.мк, како дел од редовните истражувања кои редакцијата ги прави заедно со агенцијата Маркет вижн, е спроведено од 20 јуни до 4 јули. Во однос на рејтинзите на политичките партии и нивните лидери, и оваа анкета покажа дека ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски и натаму се во убедливо водство.
На прашањето „во која насока сметате дека се движат работите во Македонија“, 34,3 отсто од испитаниците одговориле дека насоката е правилна, а 40,5 отсто сметаат дека насоката е погрешна. Податоците покажуваат дека сè поголем број на испитаници сметаат дека земјата се движи во правилна насока.
Мицкоски со најголема доверба
Меѓу лидерите на политичките партии, Христијан Мицкоски има најголема доверба кај граѓаните.
Од албанскиот политички блок со највисок процент на доверба и натаму е лидерот на ДУИ, Али Ахмети (6%). Венко Филипче како претседател на СДСМ е на третото место со доверба од 4,7%. Претседателите на партиите од коалицијата Вреди, Изет Меџити и Билал Касами имаат по близу 2%, а Африм Гаши има 1%. Претседателите на ЗНАМ и на Левица, Максим Димитриевски и Димитар Апасиев се изедначени со по 3%.
ВМРО-ДПМНЕ со убедлива предност
Од политичките партии, слично како и кај лидерите, предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред опозициските партии е убедлива. Дури 23,8% од испитаниците се изјасниле дека на следните избори ќе гласаат за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ со предност пред Вреди
Кај партиите на Албанците во Македонија опозициската ДУИ е во мала предност пред вкупниот резултат на владината коалиција Вреди.
Повеќе од половина од испитаниците кои споделиле за која партија ќе гласаат на наредните избори, го избираат ВМРО-ДПМНЕ. Тука, ако се споредат резултатите на определените гласачи со минатите истражувања, пред локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ЗНАМ имаат раст, а благ пад има кај Левица и ДУИ. Падот на Вреди е поврзан со напуштањето на коалицијата на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.
Анкетирањето беше спроведено од 20 јуни до 4 јули 2025 година со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
За следните локални избори ВМРО-ДПМНЕ е во убедлива предност. Претходната недела беше промовиран нивниот кандидат за Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Мицкоски рече дека тој би водел 4 спрема 1 кон кој и да е опозициски кандидат.