За „Студентска листа – Студентите победуваат“ на претстојните парламентарни избори на 25 октомври би гласале 44,5 проценти од определените гласачи кои би излегле на гласање, додека за листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“ би гласале 42,7 проценти, според ново истражување на јавното мислење на Нова српска политичка мисла (НСПМ).
Како што е објавено на сајтот на НСПМ, анкетата е спроведена телефонски од 25 септември до 5 октомври, на репрезентативен примерок од 1.050 испитаници.
Според таа анкета, под цензусот би останале листите „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилност“ (2,9 проценти), „Европска Србија – Мариника Тепиќ – Здравко Понош“ (2,7 проценти), како и „Автентична десница – Милош Јовановиќ“ (2,5 проценти), додека сите други листи би имале вкупно два проценти поддршка.
Во истражувањето 2,7 проценти од испитаниците се изјасниле против власта, но навеле дека не знаат за кого ќе гласаат.
Како што наведува НСПМ, во анкетата имало вкупно 18,3 проценти неизјаснети, кои не биле вклучени во процентот на декларирани испитаници.
На прашањето дали ќе излезат на парламентарните избори, 79,8 проценти кажале дека сигурно ќе излезат, додека 13,3 проценти од испитаниците кажале дека веројатно нема да излезат.
Два проценти од испитаниците кажале дека веројатно нема да излезат, 3,2 проценти дека дефинитивно нема да излезат, додека 1,7 проценти немале став.
На прашањето во анкетата што би било најдобро за Србија, 44 проценти од испитаниците кажале дека тоа би била победа на студентите или опозицијата, додека 22,5 проценти кажале дека тоа би било останување на сегашната власт.
Речиси 20 проценти од испитаниците кажале и дека најдобро за Србија би било сегашната власт да остане, но со некои промени.
Поголем број испитаници (44,5 проценти) веруваат дека Вучиќ не ја вршел добро функцијата претседател од оние кои веруваат спротивното (41,8 проценти), додека 13,7 проценти немале мислење.
Речиси половина од испитаниците (48,1 процент) веруваат дека студентското движење и Студентска листа се израз на домашно незадоволство од владата, а малку повеќе од една четвртина (26,8 проценти) веруваат дека тие се акција на странски служби.
Анкетата покажала и дека 43,6 проценти од испитаниците не го поддржуваат одржувањето на специјализираната меѓународна изложба Експо во Белград во 2027 година, како и дека 41,3 проценти од нив би гласале за влез на Србија во Европската Унија доколку се одржи референдум, додека 39,6 проценти би гласале против него.
