Обилните снежни врнежи и силниот ветер предизвикаа сериозни проблеми во повеќе делови на Бугарија. Голем број населени места се соочуваат со прекини во основните услуги.

Повеќе населени места останаа без електрична енергија, 16 села во областа Враца се без вода, воз со околу 200 патници со часови стоеше на железничката станица Елисејна, а воздушниот и железничкиот сообраќај се одвиваат отежнато и со доцнења.

Софискиот аеродром „Васил Левски“ продолжува да работи и покрај исклучително тешките зимски услови, соопштија од прес-службата на аеродромот. Се реализираат полетувања и слетувања, но има отстапувања од редот на летање и доцнења.

Состојбата на патиштата и натаму е отежната поради интензивните снежни врнежи и наноси. Близу 1.000 машини работат на чистење и одржување на патиштата, а на одделни делници е ограничено движењето на товарни возила потешки од 12 тони.

Националниот институт за метеорологија и хидрологија прогласи портокалово предупредување за обилни снежни врнежи во 16 области во Бугарија, додека во останатиот дел од земјата во сила е жолто предупредување.

Поради влошените временски услови, нарушено е снабдувањето со електрична енергија во повеќе населени места во областите Пловдив, Крџали, Пазарџик, Смолјан, Стара Загора и Хасково. Снегот, силниот ветер и паднатите дрвја и гранки предизвикале кинење на надземни електрични водови од мрежите со среден и низок напон.

За отстранување на дефектите се ангажирани повеќе од 130 екипи, кои работат на обновување на снабдувањето со електрична енергија во погодените области.

Прекини во снабдувањето има и во седум села во областа Јамбол. Без струја се и околу десет села во општина Трн, три села во општина Разград, како и неколку населени места во општина Хисарија, вклучително и делови од градот.

Во областа Габрово се очекува да биде обновено снабдувањето со електрична енергија во сите населени места. Според локалните власти, останува да се отстрани дефект на еден електричен вод, кој зафатил седум населени места.

Поради прекини во снабдувањето со електрична енергија, 16 села во областа Враца останаа и без вода. Од локалното претпријатие за водоснабдување објаснија дека дел од пумпните станици немаат електрична енергија и затоа не можат да функционираат.

Проблеми има и со топлинското снабдување во Софија. Електричен удар во термоцентралата „Софија“ предизвикал сериозен дефект на топлинската мрежа, поради што е намалено греењето во делови од главниот град, вклучително и во централното градско подрачје.

Сериозни проблеми има и во железничкиот сообраќај. Воз со околу 200 патници со часови стоеше на железничката станица Елисејна поради прекин на контактната мрежа. Поради дефектот, железничкиот сообраќај во двете насоки во тој реон беше запрен.

Министерот за транспорт и врски Георги Пеев соопшти дека дизел-локомотива со екипаж е упатена кон местото за да помогне во обновувањето на контактната мрежа и овозможувањето на транспортот на патниците во насока на Софија и Варна.

Бугарските државни железници веднаш побарале помош од автобуски превозници за транспорт на патниците, но барањето било одбиено поради сложената временска состојба и отежнатиот пристап до железничките станици. Возовите биле запрени и на станицата Мездра.

Од Националната компанија „Железничка инфраструктура“ информираа дека снегот и паднатите дрвја го отежнуваат железничкиот сообраќај, но дека нема патници на кои им е загрозена безбедноста.

Проблеми имало и во автобускиот превоз. Во областа Разград неколку автобуси останале заглавени поради снежните наноси.