Антикорупциската комисија го проширува предметот за набавката на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Пронајдени се нови злоупотреби при набавките во Генералниот секретаријат на Владата, вредни 292 илјади евра. Доказите кои што ги имаат антикорупционерите ќе ги достават до Јавното обвинителство.

-Нашите наоди ги проширивме и на други јавни набавки, не само за набавката на софтверското решение, кои се поврзани со самиот предмет: камери, сталаци, подвижни кабини. Има повеќе јавни набавки, со што износот на средствата кои се потрошени за тие договори е голем. Станува збор за околу 18 милиони денари, дополнително од тие 80 илјади евра, вели Катица Николовска, член на ДКСК.

Рашковски во моментов е во притвор во Затворот Скопје поради набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци за МВР кој никогаш не бил ставен во употреба. Во притвор е и сопстеникот на „Инвока гроуp“ од која бил набавен софтверот.

Антикорупционерите на денешната презентација на тоа што сработиле изминатиот период алармираа дека  состојбата со корупцијата во државата не се подобрува. Злоупотребата е најизразена при вработувањата, издавањето на дозволи за градба, решенија, концесии и при судски одлуки. Дури 30 отсто од пријавите во Комисијата се за  злоупотреби при вработување. Спорни се и изборот и разрешувањето на директорите на јавните претпријатија и акционерските друштва. Годишниот извештај покажува дека најголем ризик од  коруптивно работење има кај правосудните органи, извршната власт и општините.