До официјално укинување на забраната, водата од градскиот водовод во Гостивар не треба да се користи за пиење, ниту по превривање. Ова е препораката  од Институтот за јавно здравје, откако претходно  Агенцијата за храна издаде забрана за употреба на водата за пиење поради сомнение дека е загадена и небезбедна за пиење.

– Со навремено почитување на препораките значително се намалува ризикот од појава и ширење на заболувања што се пренесуваат преку вода. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на доенчињата, малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со хронични заболувања, кои имаат поголем ризик од потешки последици при појава на цревни инфекции – нагласија од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања.

Кога станува збор за вода за пиење и подготовка на храна, препораките се да не се користи вода од градскиот водовод.

– Ако имате пристап до флаширана вода, набавете ја за овој период. Потребни се најмалку четири литри вода по лице на ден. За пиење користете фабрички пакувана вода – флаширана вода. Не користете вода од водоводот за подготовка на храна, миење овошје и зеленчук што се консумираат свежи, подготовка на мраз, подготовка на сокови, кафе, чај и други пијалаци. Не користете вода од водоводот за подготовка на храна за доенчиња – се додава во соопштението.

Се советува рацете да се мијат често со сапун и безбедна вода – флаширана, особено пред подготовка и консумирање храна, по користење на тоалет, по менување пелени, по контакт со заболено лице. Доколку нема безбедна вода, добра опција е да се користи средство за дезинфекција.

– За миење заби користете исклучиво безбедна вода – флаширана. За туширање и капење да се користи безбедна вода – флаширана или превириена вода, но, да се внимава водата да не се голта. Доколку нема безбедна вода, користете влажни марамчиња или крпи за еднократна употреба за периодот додека водата е забранета за употреба – се додава во соопштението.

При подготовка на храна, од Институтот советуваат таа добро термички да се обработува.

– Избегнувајте подготовка на храна што не се готви доколку не може да се користи безбедна вода. Користете еднократни чинии и прибор за јадење за да избегнете миење – пишува во соопштението.

Ресторани, кафулиња и угостителски објекти исто така да не користат вода од водоводот. Во градинките препораките се децата да пијат исклучиво безбедна вода – флаширана, да не се користат чешмите за полнење шишиња, храната да се подготвува само со безбедна – флаширана вода.

– Веднаш обратете се кај матичен лекар или во најблиската здравствена установа доколку се појават дијареја, повраќање, гадење, стомачни грчеви, покачена температура, слабост, знаци на дехидратација – силна жед, сува уста, намалено мокрење, омалаксаност. Особено внимание е потребно кај доенчиња и мали деца, бремени жени, постари лица, лица со хронични заболувања и ослабен имунитет – апелираат од Институтот.

Во соопштението се истакнува дека небезбедната вода може да биде извор на бактериски, вирусни и паразитарни инфекции што предизвикуваат гастроентеритиси.

– За намалување на ризикот, користете само безбедна вода за пиење и подготовка на храна. Редовно мијте ги рацете. Одделувајте сирова од готова храна. Храната чувајте ја на соодветна температура. Одржувајте добра хигиена во кујната. Не споделувајте чаши и прибор за јадење со лица кои имаат симптоми на стомачна инфекција – се советите од надлежните.

Се алармира и граѓаните редовно да ги следат известувањата на надлежните институции – Институт за јавно здравје, Центар за јавно здравје, Министерство за здравство, Агенција за храна и ветеринарство.

– Водата од градскиот водовод повторно може да се користи за пиење само по официјално известување дека забраната е укината и дека водата е безбедна за употреба – потенцираа надлежните.

Од Институтот за јавно здравје дадоа препораки и што да се направи кога ќе се укине забраната.

– По официјалното укинување на забраната: пуштете ја водата да тече од пет до 10 минути, испразнете и исчистете ги апаратите за вода, исфрлете го мразот направен за време на забраната, заменете ги филтрите доколку производителот го препорачува тоа – советуваа од Институтот.