Основното јавно обвинителство Гостивар очекува резултати од испитувањата на примероците од водата од гостиварскиот водовод, по што ќе биде одлучено како ќе продолжи постапката за случајот со сомневањата за нејзиниот квалитет.

Од Обвинителството информираат дека се во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализи и испитувања на примероците од водата.

„Според најавите, резултатите треба да бидат доставени до надлежното обвинителство утре, по што ќе биде донесена одлука за понатамошното постапување. За исходот и натамошните чекори, јавноста ќе биде дополнително известена“, наведуваат од Обвинителството.

Во меѓувреме, локацијата во Вруток и понатаму останува обезбедена по наредба на јавен обвинител, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Резултатите од анализите треба да помогнат во утврдувањето на состојбата со водата и да покажат дали постојат основи за преземање дополнителни мерки во рамки на истрагата.