Апелациониот суд Скопје ја потврди пресудата од 20 години затвор за кавадарчанецот Хамза Сафет за убиство, донесена од Основен суд Кавадарци, потврди денеска за МИА, претседателот на Судот, судијата Лазар Нанев.
Според пресудата на Основен суд Кавадарци, кавадарчанецот е виновен за кривично дело „убиство”. Тој е роден 1976 година во Неготино и бил осудуван и досега. Во пресудата пишува дека е виновен, бидејќи на 15 ноември 2021 година, околу 23.30 часот, во дворот пред куќа во Кавадарци, лишил од живот едно лице, кое пристапило да раздели двајца во меѓусебна тепачка, од кои едниот бил токму обвинетиот. Обвинетиот, со голем кујнски нож долг 31 сантиметар, со остро рамно сечиво долго 16 сантиметри и широко 3.3 сантиметри, со дрвена рачка замотана со црна трака за изолирање, го прободел лицето што се обидело да ја прекине тепачката меѓу обвинетиот и друго лице.