Децата од градинките еднаш неделно ќе добијат по еден килограм свежо овошје, преку програмата за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје за 2023 година.

Програмата денеска ја промовираа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Министерката Тренчевска го истакна значењето на здравата исхрана при што порача дека храната треба да биде лек, а лекот треба да е храна за да имаме здрави и среќни генерации.

„Децата од предучилишните установи ќе добиваат свежи сезонски овошја од домашно производство како кајсии, праски, сливи, круши и  јаболки во текот на 5 месеци, односно секое дете треба да добие по 1 (еден) килограм овошје неделно. Оваа програма е поддржана и претставува донација од страна на  Владата Република Северна Македонија,“ истакна Тренчевска.

Министерот Николовски кажа дека оваа програма е продолжение на она што министерството го започна минатата година, но сега со двојно поголем буџет.

„За оваа година, издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми овошје од прва класа и тоа најмалку  90.000 кг кајсии, 175.500 кг праски, 168.000 кг сливи, 74.000 кг круши, 370.000 кг јаболки. Секое дете, еднаш неделно ќе добие по еден килограм сезонско овошје. Тоа е целта, децата да јадат свежо овошје кое е соодветно на сезоната во која се произведува. Опфатени се 38000 деца од сите градинки во државата“ изјави министерот Николовски.

Тренчевска кажа дека се направени измени во правилникот за исхрана кој предвидуваат зголемен внес на свежо овошје и зеленчук.