Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски влегува во затвор. Ова попладнево го соопшти Апелациониот суд во Скопје, откако ги разгледало жалбите на обвинетите по пресудата која ја донесе Кривичниот суд Скопје минатата година, пренесува Канал 5.

Единствено, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески доби затворска казна, која сега е намалена на 3,6 години од првичната осуда на 4,5 години. За Мартин Протоѓер – останува условната осуда. Гордана Јанкуловска сега добива условна осуда наместо 2,5 години казна затвор. Мунир Пепиќ исто добива условна осуда наместо една година затвор.

„Апелациониот суд Скопје информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-53/22, во јавноста познат како „Титаник 1“, по одржана jавна седница на 04.05.2023 година, донесе пресуда со која одлучи по жалбите на обвинетите: Г.Ј., М.Ј, М.П и К.М., сите од Скопје, изјавени против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје, КОК-7/18 од 28.02 2022 година, како и по жалбата на обвинетата Г.Ј., од Скопје, против решението за исправка на Основниот кривичен суд Скопје, КОК-7/18 од 04.04.2022 година“, се вели во соопштението од Апелација.

Обвинетите беа гонети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.