Ивица Апостолов, вработен на Универзитетскиот институт за клиничка биохемија и претседател на Здружението на медицински лаборанти, реагираше на денешниот став на професорката од Фармацевтскиот факултет, Александра Грозданова, која е национална координаторка за имунизација.

Грозданова рече дека на здравствените работници кои се противат на вакцинацијата, не им е место во здравството.

-Ги именува невакцинираните здравствени работници како ,,антиваксери” и дури им испрати порака дека „тие не треба да бидат дел од здравството”! Таа дури повика и на „принцип на медицината” и од сѐ што кажа, за да тотално се изгуби во изјавата, најконтрадикторна е во делот каде професорката Грозданова меѓу другото посочи дека „кај луѓето ковидот делува различно и поради тоа е потребен индивидуален пристап кон лекувањето на пациентите”! Алелуја!!! – пишува Апостолов.

Тој вели дека голем дел од медицинските работници имаат високи нивоа на антитела поради постојаниот контакт со ковид-пациентите.

-Го разгледувате ли вие како Комитет за имунизација зошто е тоа така или читате само извештаи од МАЛМЕД? Вие професорке посочивте дека за здравствените работници не би требало да се дискутира дали се вакцинирани или не и тие треба сите да се имунизирани, но дали се запрашавте колку од тие здравствени работници кои не се вакцинирани имаат At-COVID19 IgG >3.000 единици? Сте помислиле ли некогаш дали тоа е последица на прележаноста на инфективното заболување и секојдневниот нивни контакт со болните од ковид? – вели Апостолов.

-Кај нас, како здравствени работници, процентот на вакцинирани не е спорен и тој изнесува околу 75%, а останатиот дел 20% се должи на прележаноста на болеста и сеуште високиот титар на антитела кај колегите, а само останатите 5% невакцинирани колеги се последица на тоа што имаат професионална болест поради која не смеат да се вакцинираат…затоа не правете драма од невакцинираните здравствени работници кои воопшто не се антиваксери или како и да ги нарекувате! – порача Апостолов.