Американскиот технолошки гигант „Apple“ го намалува производството на своите таблети „iPad“ за да пренасочи повеќе компоненти кон „iPhone 13“.
Ова е сигнал дека глобалниот недостиг на чипови влијае на „Apple“ многу посериозно отколку што првично се мислеше, пишува „Nikkei“, повикувајќи се на неколку извори.
Во последните два месеци производството на „iPad“ е преполовено од првичните планови на „Apple“, додава изданието, според кое деловите планирани за постарите модели на „iPhone“ се префрлени и на „iPhone 13“, пренесува „Reuters“.
Иако производството на „iPhone 13“ наиде на проблеми поради затворањето на погоните во Азија и големата побарувачка во втората половина од годината, „Apple“ се покажа подобро од многу други компании со недостигот на чипови благодарение на високата куповна моќ и долгорочните договори со производителите на чипови, со што успеа да украде од пазарниот удел на своите конкуренти во третиот квартал.
Производителот на „iPhone“ дава приоритет на својот најнов модел на паметни телефони, делумно поради тоа што очекува поголема побарувачка, за разлика од „iPad“, бидејќи западните пазари почнуваат да заживуваат од пандемијата.