Технолошкиот гигант Apple го надмина очекувањата на аналитичарите со приходите и профитот во третиот фискален квартал, поттикнат од силниот раст на продажбата на iPhone. Сепак, компанијата издаде послаба прогноза за тековниот период, предупредувајќи на ограничувања во снабдувањето.
Според податоците објавени од компанијата, приходите во кварталот достигнале 109,42 милијарди долари, над консензуалната проценка на LSEG од 108,65 милијарди долари. Заработката по акција (EPS) изнесувала 2,02 долари, додека аналитичарите очекувале 1,89 долари.
Нето добивката на Apple пораснала на 29,79 милијарди долари, во споредба со 23,43 милијарди долари во истиот период минатата година. Од компанијата наведоа дека резултатот вклучува и 11 центи по акција добиени преку царински попуст.
Акциите на Apple, сепак, паднаа за осум проценти во тргувањето по затворањето на берзата, откако инвеститорите реагираа на претпазливата прогноза за следниот период.
Продажбата на iPhone беше главниот двигател на растот, со приходи од 54,25 милијарди долари, над очекуваните 53,86 милијарди долари. Компанијата забележа раст од 22 проценти во продажбата на својот најважен производ.
Во останатите клучни сегменти, Apple оствари приходи од 10,35 милијарди долари од продажбата на Mac компјутери, над прогнозата од 8,74 милијарди долари. Кај iPad, приходите изнесуваа 6,19 милијарди долари, што е под очекуваните 6,92 милијарди долари.
Приходите од носиви уреди, додатоци и производи како Apple Watch достигнаа 7,88 милијарди долари, нешто над прогнозата од 7,82 милијарди долари. Секторот на услуги донесе 30,74 милијарди долари, но остана под очекувањата од 31,22 милијарди долари. Компанијата на крајот на кварталот располагала со 146,52 милијарди долари готовина.
Apple во моментов се соочува со глобален недостиг на мемориски чипови, што веќе ја принуди компанијата да ги зголеми цените на Mac и iPad уредите. Иако досега нема зголемување на цените на iPhone, дел од аналитичарите очекуваат таков чекор подоцна годинава.
Компанијата истовремено се подготвува за големи промени во областа на вештачката интелигенција. Во септември се очекува претставување на обновена верзија на дигиталниот асистент Siri, која ќе користи технологија на Google, како и нов хардвер за iPhone.
Овој потег се следи со големо внимание бидејќи инвеститорите се загрижени дека Apple заостанува зад конкурентите во развојот на вештачката интелигенција.
И покрај предизвиците, приходите на Apple растат повеќе од 15 проценти трет квартал по ред. Сепак, забавувањето на продажбата во Кина и послабиот раст на секторот на услуги предизвикаа дополнителна загриженост кај инвеститорите.
Продажбата на Apple во Кина во третиот фискален квартал достигнала 18,8 милијарди долари, што е под прогнозата од 19,6 милијарди долари. Приходите од услугите биле 30,7 милијарди долари, во споредба со очекуваните 31,4 милијарди долари.
Напредокот на компанијата на кинескиот пазар внимателно се следи, бидејќи Apple се обидува да се опорави по падот во продажбата во таа земја, но закрепнувањето се одвива побавно од очекувањата.
Последниот квартал претставува значаен период и за извршниот директор Тим Кук, кој на 1 септември треба да му ги предаде раководните позиции на шефот за хардвер, Џон Тернус. Кук го предводи Apple од 2011 година, период во кој компанијата ја прошири понудата на производи и ја зголеми годишната продажба на речиси половина трилион долари.
Акциите на Apple пред објавувањето на резултатите пораснаа за 23 проценти оваа година, надминувајќи дел од технолошките конкуренти. Во последниот период компанијата повторно ја презеде позицијата највредна компанија во светот, надминувајќи ја Nvidia, а нејзината пазарна вредност сега изнесува речиси пет трилиони долари.
