Европската Унија ќе инвестира 10 милијарди евра во изградба на седум гигафабрики за вештачка интелигенција, со цел да ја зајакне сопствената технолошка инфраструктура и да го намали јазот во однос на САД и Кина во развојот на напредните AI технологии.

Европската комисија соопшти дека јавната инвестиција се очекува да привлече дополнителни најмалку 20 милијарди евра од приватниот сектор, со што вкупната вредност на проектот би достигнала околу 30 милијарди евра.

Бројот на планирани гигафабрики е зголемен од првично предвидените пет на седум, поради големиот интерес што го покажале земјите-членки на Унијата.

Секоја од новите фабрики ќе располага со најмалку 100.000 најсовремени чипови за вештачка интелигенција, што претставува околу четири пати поголем капацитет од постојните европски центри за AI. Тие ќе бидат наменети за развој и тренирање на најсложените модели на вештачка интелигенција.

Од Европската комисија наведуваат дека целта на иницијативата е зајакнување на технолошкиот суверенитет на Унијата и обезбедување пристап до моќни компјутерски ресурси за европските компании, истражувачки институции и стартапи кои работат на развој на напредни AI системи.

Проектот е дел од пошироката европска стратегија за развој на вештачката интелигенција, преку која Брисел сака да го намали заостанувањето зад Соединетите Американски Држави и Кина, кои во изминатиот период вложија значителни средства во изградба на дата-центри и развој на напредни полупроводници.

Европската комисија посочува дека сите системи што ќе се развиваат во рамките на програмата ќе мора да бидат усогласени со европските правила за заштита на личните податоци, етичка употреба на вештачката интелигенција и безбедност на дигиталните технологии.