ВМРО-ДПМНЕ денеска остро реагираше на поднесениот предлог-закон на СДСМ за зголемување на минималната плата на 600 евра, обвинувајќи дека поранешната власт имала можност тоа да го направи и порано, но не го сторила.
Во реакцијата се наведува дека самиот предлог-закон покажува оти СДСМ можела да обезбеди минимална плата од 600 евра додека била на власт. Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо тоа, приоритет биле злоупотребите и личните интереси.
„Доброто во предлог-законот на СДСМ е тоа што покажуваат дека тие можеле да ја зголемат минималната плата во нивно време и до 600 евра, но арамилукот им бил помил. Да не дозволеа злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот и им штетел на граѓаните, денес работниците ќе имаа и повисока минимална плата, можеби од 700 евра. Но за жал, СДСМ и ДУИ, гледаа како можат што повеќе да ја украдат државата и да си ги наполнат сопствените џебови“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека СДСМ во предлог-законот навела оти за зголемувањето се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно 110 милиони евра, но не понудила одговор од каде ќе се обезбедат средствата.
Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието го поднесе предлог-законот за измени на Законот за минималната плата. Со него се предлага минималната плата да изнесува 36.960 денари, односно 600 евра.
Во образложението на предлогот се наведува дека во текот на 2025 година е регистриран континуиран раст на инфлацијата. Посочено е дека најголем раст има кај основните прехранбени производи, енергентите, комуналните услуги и здравствените трошоци, кои директно влијаат врз буџетите на домаќинствата.
„СДСМ е на страна на работниците. Очекуваме поддршка од сите парламентарни партии. Ајде да обезбедиме достоинствена плата за работниците. Време е“, се наведува во денешното соопштение од СДСМ.
