Министерството за одбрана на САД соопшти дека склучило договор со производителот „Колтс мануфактуринг“ со максимална вредност од 40,86 милиони долари (35,4 милиони евра) за производство на карабини М4/М4А1 наменети за странски партнери, меѓу кои е и Македонија.

„Договорот со фиксна цена, на база ‘неопределена испорака/неопределена количина’, ќе ја поддржи продажбата на странска воена опрема во Македонија, Босна и Херцеговина, Ирак и Тунис“, соопшти Министерството за одбрана на САД.

Договорот е со важност до 31 март 2031 година.

Карабинот М4 се смета за еден од симболите на модерното пешадиско вооружување на Западот. Станува збор за компактна автоматска пушка калибар 5,56 милиметри, која долги години е стандард во американската армија и кај бројни сојузнички сили. Нејзиниот дизајн произлегува од М16, но е адаптиран за современи борбени услови, со акцент на поголема подвижност, побрза реакција и подобра контрола.

Развиена во 80-тите години и воведена во употреба во средината на 90-тите, М4 првично била наменета за специјални единици и екипажи на оклопни возила, но поради својата практичност – пократка цевка и прилагодлив кундак – брзо станала широко користена и во редовната пешадија. Во многу армии денес ја има заменето М16 како основно лично оружје.

Една од клучните предности на М4 е нејзината модуларност, односно можноста за лесно прилагодување со оптички нишани, ноќна опрема, ласери и други додатоци, што овозможува употреба во различни борбени сценарија – од урбани операции до ноќни мисии.

Во техничка смисла, М4 има висока стапка на оган и солидна прецизност на средни дистанци, со ефективен дострел од околу 500 метри и стандарден магацин од 30 куршуми. Комбинацијата од мала тежина, контролиран одскок и лесно ракување ја прави погодна за динамични и непредвидливи ситуации.

Поради овие карактеристики, М4 денес е во употреба во десетици земји и учествува во најголем дел од современите конфликти, а нејзиното воведување често се смета за чекор кон усогласување со НАТО стандардите и модернизација на пешадиското вооружување.