Критика на Арнолд Шварценегер кон противниците на носењето маски го чинеше загуба на голем корпоративен спонзор на претстојниот натпревар во бодибилдинг – „Арнолд класик“. Настанот е закажан за следниот месец, во Охајо (САД).

Глумецот и поранешен гувернер на Калифорнија претходно зборуваше за сериозноста на пандемијата во интервју за Си-Ен-Ен па луѓето што одбиваат да носат маски ги нарече глупави. Тој, притоа, додаде: „По ѓаволите со вашата слобода“.

Компанијата за спортска опрема, „Редкон 1“ кусо потоа објави дека веќе нема да го спонзорира натпреварот за бодибилдинг на Шварценегер поради „опасните и антиамерикански“ забелешки на глумецот.

Со голема тага објавуваме дека „Редкон 1“ одлучи да ја прекине секоја поддршка за „Арнолд класик“ и други настани поврзани со Арнолд низ целиот свет – напиша основачот на фирмата, Арон Сингерман, на Инстаграм.

„Редкон 1“ го спонзорираше „Арнолд класик“ речиси десет години.

Сингерман рече дека неговата компанија е „патриотски бренд“ што поддржува „слобода на избор“.

Секој што вели „По ѓаволите со вашата слобода“, не е американски патриот! – нагласи Сингерман.