Тој откри зошто ќе бидат дел од владата.
„Преговорите се во напредна фаза, течат во многу добра конструктивна атмосфера. Преговорите ги започнавме со политичка платформа, стратегиски цели и политички начела кои беа и се дел од прогласот за достоинствена Македонија. Најголем дел од нашите определби ќе бидат дел од една идна владина програма“ – вели генерал Павле Арсоски – потпретседател на ЗНАМ во најновото издание на Трилинг.
На прашање кои ресори ќе ги предводи ЗНАМ, Арсоски рече дека „се уште дефинитивно не разговараме за кадровски решенија, разговараме за ЗНАМ да партиципира во власта и да донесе нешто ново, нов начин на владеење, она што го ветувавме пред граѓаните“.
„ЗНАМ не е против Бугарите да бидат дел од преамбулата на Уставот, но и бугарската страна треба да признае постоење на македонско малцинство во Бугарија. За уставните измени ќе бараме да имаат одложено дејство се додека Македонија не ги заврши преговорите со ЕУ“ вели Арсоски.
На прашање дали од првите денови од мандатот на новата претседателка Силјановска Давкова ние си отворивме нов фронт и кон Атина, генерал Арсоски со одговор.
Тоа е сложено прашање колку што е Преспанскиот договор сложен. Македонија ќе си ја нарекуваме како што ја чувствуваме. Не сметам дека има некакво прекршување на Договорот. Оваа прашина што се крена околу заклетвата покажа дека нашата претходна Влада инсистираше на почитување на обврските од договорот и пред роковите, а грчката страна не ги исполнува своите обврски. Ние се уште од нив сме нарекувани скопјани, таблите не се сменети, вели Арсоски.
Тој смета дека „секој кој е подготвен да прекрши Устав, треба да е подготвен да сноси последици“.
На прашање дали новиот собраниски спикер Африм Гаши го прекрши Уставот, Арсовски со став:
„Да, требаше прво да положи заклетва на македонски, па потоа на албански, но тоа е нешто за што тој самиот треба да одговори. Гласањето беше пред изборот на претседател на Собрание, ние дадовме бланко поддршка. Очекуваме дека Гаши тоа треба да го испорача“.