Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, денеска се сретна со претставници од Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Скопје“, со кои разговараше за нивните актуелни проблеми и предизвици, а беа дискутирани и нивните барања во насока на унапредување и подобрување на секојдневното функционирање на лицата со попреченост.
„Добар дел од барањата на лицата со попреченост во рамките на остварување на нивните права, веќе се дел од моите заложби и дел од приоритетните проекти од мојата програма. Ќе се вградат рампи и лифтови во сите јавни установи, а Градот Скопје ќе го мотивира и поддржи и приватниот сектор да го следи овој пример. Се предвидува и инфраструктурно подобрување во сообраќајот со воведување семафори со звучна сигнализација и тактилни патеки за слепите и лицата со оштетен вид, а новите автобуси ќе имаат соодветни ниски платформи за полесен пристап на лицата со инвалидитет. Ќе се зголеми и бројот на социјални работници кои што ќе ги придружуваат во училишните клупи учениците со попреченост, а за најмладите ќе бидат изградени специјални инклузивни игралишта“ – истакна Арсовска на средбата.
Претставниците од Здружението уште посочија дека долго чекаат да стигнат на ред за остварување на своите права поради што бараат брзи и ефикасни решенија и поголем слух и поддршка од институциите.
„Нема да дозволам незадоволството кај оваа категорија граѓани уште повеќе да расте, затоа се обврзувам на взаемен дијалог и изнаоѓање конкретни решенија, уште на почетокот на мојот мандат. Сметам и дека е неопходно лицата со попреченост да бидат вклучени во сите сфери од општествениот живот. За потребата на поголема инклузија и нивно вработување планирана е реализација на проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот“ – заклучи Арсовска.