Денеска во Градот Скопје се одржа јавна дебата за спроведување проект за енергетска ефикасност, која ја отвори градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во присуство на претставници од Министерството за финансии, Секторот за животна средина при Градот Скопје, советници во Советот на Градот Скопје, експерти и членови од Градскиот Еко Совет и заинтересирани граѓани, во рамки на која се презентираше потребата од проекти за енергетска ефикасност и поставување на фотоволтаични системи на објектите под надлежност на Градот Скопје.
-Големи се придобивките од транзиција кон енергетски ефикасни објекти, а проектите на кои работиме, како оној кој го презентираме денес, е нешто за кое Градот одлучно се залага да го оствари, со имплементација на фотоволтаични системи врз објектите кои се под ингеренции на Градот и воведување иновативни системи за обновливи извори на енергија, истакна Арсовска.
Градоначалничката посочи дека ваквите проекти кон кои се стреми Градот да ги реализира во поголем обем имаат позитивно влијание врз животната средина и овозможуваат нејзината заштита.
– Отпочнуваме со објектите кои се под надлежност на Градот Скопје, за коишто ќе преземеме и поголеми активности во насока на зголемување на нивната енергетска ефикасност, кои ќе можат воедно со енергетски сертификат да го потврдат својот капацитет за воспоставување на системи од обновливи извори на енергија, истакна Арсовска.
На денешната јавна дебата на која учествуваа експерти и заинтересирани граѓани, беше констатирано дека со ваквите проекти не само што ќе се заштити животната средина, туку ќе се направат заштеди кои во состојба на криза особено енергетска криза, се добредојдени, затоа што на долг рок директно се штедат буџетските средства кои можат да бидат употребени за инвестиции во нови иновативни системи од обновливи извори на енергија.