Трет ден Владата на СДСМ молчи за екскурзиите на шестте владини службеници кои биле во Софија, најверојатно запишани како новинари, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Посочи дека шест службеници на чело со директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски, биле 3 дена во Софија на трошок на државата, за да помогнат во организација како што велат на заедничката седница на Владите на Македонија и Бугарија, а притоа на седница на Владата на РМ никаде не било изгласано дека и тие може да одат на државен трошок, туку било изгласано само дека патните трошоци, превозот и сместувањето се покриени за новинарите.
-Очигледно овие 6 луѓе од СОЗР биле на државен трошок 3 дена во Софија, во редот со новинарите. Зошто од Владата и од СОЗР не приложат писмен доказ од седницата каде што е изгласано да одат и шестмината вработени во СОЗР во Владата како организациска поддршка и да потврдат впрочем дека не биле впишани како новинари? Владата одамна е само една испостава за луксузирање и испостава за екскурзии на државен трошок. Луксузот на грбот на граѓаните е начин на живот на функционерите на СДСМ. Во време на сериозна економска криза, нерационално трошење на непродуктивни трошоци, ниско ниво на капитални инвестиции, немање идеја и визија како да се решат проблемите на граѓаните, немање идеја и визија како да се заштити стандардот на граѓаните од вртоглавата инфлација, но затоа Владата на СДСМ се професионалци и махери за скандали, вели Арсовски.
Според него скандалозно е вработени во државни институции да се вбројуваат во редот на новинари и така да патуваат на службени патувања, само за да си ги покријат трошоците.
-Како што порачавме и вчера, штури деманти без докази се само потврда за овој скандал. Најмалку што можат да направат е да ги вратат парите во државната каса и да сносат одговорност за овој скандал, нагласува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.