Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Арсовски:

Ако некој има се уште дилема дали се работи криминално или не во јавните претпријатија кои што се во надлежност на Град Скопје и Петре Шилегов, треба уште еднаш да се потсети и да ги погледне доказите, како се испумпале 300.000 евра со реконструкција на водоводна мрежа на улица „Варшавска“ во текот на 2020-тата година.

Доказите се евидентни, ги обелоденивме наназад деновиве и поднесени се до Јавното обвинителство. Фирмата КБК Инженеринг и Кодинг 2, во претходен договор со градоначалникот на Град Скопје, Шилегов и директорот на Водовод, Весковски, ја извршиле реконструкцијата на водоводната мрежа на ул. „Варшавска“ и дури потоа ЈП Водовод и канализација го објавило тендер, кој го добила токму оваа фирма која што претходно ја завршила реконструкцијата. Понаместен тендер со овие докази и со оваа фактичка ситуација, нема да можете да најдете.

Еве да потсетиме чисто информативно за јавноста и за уште некои докази, на пример, на 3-ти октомври на страниците на ЦУК и ЈП Водовод на официјалните фан страни на институциите на фејсбук, имаат објавено дека ќе има приклучок на мрежа на ул. „Варшавска“, што значи дека уште еднаш докажуваат дека претходно било реконструирано и завршено буквално се. Инаку зошто би имало приклучок на нереконструирана и незавршена водоводна мрежа.

Почитувани,

Одговорност мора да има. Дали најпрвин морална од страна на луѓето кои што учествувале во сето ова, а потоа и кривична согласно истрагата доколку се случи на заспаните институции во Република Македонија. Но, одговорност за овој случај мора да има.

Ова е начинот на работа на јавните претпријатија кои што се на надлежност на Шилегов.

Најпрвин договараат меѓу себе во четири очи која фирма ќе добие одреден тендер. Фирмата без тендер ја изработува и ја завршува работата, потоа се оди на про форма, на електронска јавна набавка односно тендер за да се замачкаат очите на јавноста. И да го добие тендерот баш онаа фирма која што претходно ја завршила работата која што и била доделена.

Во текот на утрешниот ден сакаме само да најавиме дека ќе излеземе и со детални пресметки колку е напумпана цената од 300.000 евра за реконструкција на оваа водоводна мрежа споредбено со колку реално чини и треба да чини целата реконструкција, рече Арсовски.