Артан Груби нуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција за да му биде укината мерката со која му е одземен пасошот и му е забрането издавање друга исправа за преминување на државната граница, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

Истовремено, куќниот притвор на Груби по сила на закон истекува на 13 октомври, но мерката за одземање на патната исправа продолжува да важи и по тој датум доколку Судот не донесе поинаква одлука.

Груби е второобвинет во предметот К.бр.1201/26, поврзан со „Државна лотарија“.

Обвинителниот предлог во предметот бил поднесен на 13 август годинава. Од Кривичниот суд објаснуваат дека согласно член 470 од Законот за кривичната постапка, притворот може да трае најмногу 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог.

„По сила на Законот, мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година“, соопшти Судот.

Покрај куќниот притвор, на Груби му е определена и мерка на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница.

За разлика од куќниот притвор, од Судот нагласуваат дека оваа забрана ќе продолжи да важи и по истекот на законски предвидените 60 дена.

Одбраната сега побарала токму оваа мерка да биде укината и наместо неа да биде определена гаранција.

„Одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка“, соопшти Кривичниот суд.

За понудената гаранција е оформен посебен предмет кој е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство.

Откако ќе го добие мислењето на обвинителството, Кривичниот совет ќе одлучува дали ќе го прифати предлогот на одбраната и ќе ја укине мерката со која на Груби му е одземен пасошот.

До донесувањето на таква одлука, мерката останува во сила.