На Европската Унија и е важно да претстави каков – таков успех и да каже дека француското претседателство било успешно, со тоа што Македонија и Албанија би ги почнале ЕУ преговорите, а на Украина и Молдавија им се доделил статус на земји кандидатски за членство во Унијата.

ЕУ го има изгубено кредибилитетот и интегритетот кај граѓаните од Западен Балкан , затоа што нивните децениски ветувања се лажни, празни, розови памфлети на кои повеќе никој не им верува, вели политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.

Бугарија со францускиот предлог не стви пред свршен чин. Не може Софија да прифати драстично различен предлог за сметка на кревање на ветото, смета Атанасоски.

Граѓаните со право се гневни и револтирани, затоа што по трауматичното менување на уставното име преки Преспанскиот договор, нам и беше ветено членство во НАТО и брзо отпочнување на европреговорите БЕЗУСЛОВНО, додава Атанасоски.

Прифаќањето на франсускиот предлог нам ќе ни ја отвори ЕУ вратата, но никој не ни гарантира, дали патот оттука па натаму ќе биде поплочен со,, добри намери или пак со трње”, како досега.
Сепак, вели Атанасоски, се поставува прашањето што ако го одбиеме и овој предлог, дали ќе и дали имаме капацитет за самостоен внатрешен развој и напредок или дали и понатаму ќе тонеме во неподносливота леснотија на корумпираното и партизиранито живеење.

Лидер: Што усвоија Бугарите, а што ќе прифатиме ние? Може ли да се прифати различен предлог од страна на двете држави за иста цел, и дали тој навистина е модифициран?

-Едноставно, бугарската политичка елита преку меморандумот од народното собрание постави бугарски црвени линии, го употреби инструментот вето и од тој момент тие црвени линии не отстапуваше ни за јота. Преку притисок во европските институции, нивната дипломатија ги вметна тие бугарски барања како дел од преговарачката рамка и нѐ ставија пред свршен чин. Не може да има драстично различен предлог, а да прифати Бугарија кревање на ветото туку – така. Таканаречениот нов модифициран француски предлог, го гледам повеќе во насока на семантичка, одошто на суштинска промена на тоа што следува, а тоа е: билатеризација на нашиот евентуален европреговарачки пат, каде што наместо да се сосредоточиме ние како институции на системот да ги подобриме севкупните катастрофални сфери на општественото живеење и да направиме од Македонија пристојно место за живеење, ние ќе влеземе во вртлогот на објаснување за етничкото потекло на Гоце Делчев и ред други,, спорни” историски личности. Тоа само по себе е катастрофа за европеизацијата на Македонија и нејзините надежи дека преку ЕУ процесот ќе станеме европска држава по начин на живеење и функционирање.

Лидер: Политичката сцена врие, народот е на улица. Дали во целава ситуација се води “битка“ за јазикот, историјата и идентитетот или ова е уште еден бришан простор за политички пазар на политичките елити?

-Граѓаните со право се револтирани, според мене најмногу поради Еутаназијата на македонскиот национален и јазичен простор и дискурс. Тие се гневни бидејќи по трауматичното менување на уставното име преку Преспанскиот договор, нам ни беше ветено членство во НАТО алијансата и брзо почнување на европреговорите безусловно. Никој нам не ни кажа тогаш дека ќе се соочиме со овие неевропски услови и уцени од нашиот источен сосед. Сепак гледам обиди за киднапирање на народниот протест од одредени опозициски политички партии (во прв ред Левица), но и ВМРО-ДПМНЕ и давање на партиски призвук на истиот. Тоа ќе биде контрапродуктивно за самите протести. Ќе видиме дали целта на партиите е луцидна/злоупотрбувачка:од една страна да го јавнат бранот на народното незадоволство и да добијат политички поени на ова најемоционално политичко и општествено прашање за нам во овој даден политички момент, или уште пострашно, подигнување на влоговите за во иднина да има пазарлак, а тоа се предвремени парламентарни избори или пак поинакви судски одлуки за челници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот партиски имот.

Лидер: Според Вас, што добива Македонија ако го прифати францускиот предлог и ги отпочне преговорите со Унијата во состојба на широко нерпифаќање и отпор?

-Ќе добие само отворање на седумнаесетгодишната затворена ЕУ врата на која постојано тропаме. Но и ако ни ја отворат, никој нас не ни гарантира, дали патот оттука па натаму ќе биде поплочен со,, добри намери или пак со трње”, како досега. Затоа е и народното недоволство. Бидејќи, ,, принципиелната” Европска Унија, досега сто пати ги погазила своите декларирани принципи, и вовела нови и нови правила за евроинтеграцијата на Македонија, кршејќи ги сите европски правила, норми, акти, ако сакате и меѓународно право на односи помеѓу земјите. Сепак прашањето што треба да си го поставиме како држава и општество: доколку ан бланко го одбиеме и овој предлог, знаеме ли како ќе се развиваме понатаму како држава, дали имаме капацитет за самостоен внатрешен развој и напредок( овие 3 децении покажавме дека немаме), или дали и понатаму ќе тонеме во неподносливота леснотија на корумпираното и партизиранито живеење, кое ја уништи и упропасти оваа земја и затоа исходот е тој: стотици илјади граѓани и Македонци, го,, продадоа својот идентитет на ѓаволот”(читај вадеа бугарски пасоши каде што се изјаснуваа дека се Българи по произход).

Лидер: Зошто ги прави Европа последните напори за да го истурка францускиот предлог?

-Затоа што го има изгубено кредибилитетот и интегритетот, кога станува збор за европерспективите на граѓаните од земјите на Западниот Балкан. Уште пред 20 години на самитот во Солун им беше ветена предвидена европска иднина на овие земји, а две децении потоа гледаме дека ветувањата пукаат како меури од сапуница. Односно дека се лажни, празни, розови памфлети на кои веќе никој не им верува. Сепак воената руска агресија во Украина, го измести тежиштето на незаинтересираност на ЕУ кон овој регион, Американците ја упалија црвената светилка на итност, и затоа е ова ЕУ инсистирање по секоја цена да се пробутка францускиот предлог и да се откочат конечно преговорите со Македонија, но и со Албанија. Дали е тоа правилен пат?! Не! Дали ќе ни донесе дополнителни проблеми?! Да! Дали за тоа се грижи ЕУ како асоцијација? Веројатно не. Неа и е важно да претстави каков – таков успех и да каже дека француското претседателство било успешно: Македонија и Албанија ги почнале еу преговорите, а на Украина и Молдавија им се доделил статус на земји кандидатски за членство во Унијата.