Единствен излез од повеќеслојната криза е созревање на политичката култура и поведение, кое за жал во изминатите три децении не е поместено ниту за за јота, смета политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.

Вели, интерпелацијата на Џафери е оправдан потег , бидејќи станува збор за едно примитивно, долно, антифункционерско, во најмала рака неевропско однесување и поведение на првиот законодавец. Но сепак е дегутантно подосителите да брааат оставка кога токму таа опозиција од позиција на власт го спроведе т. н,, Црн понеделник ” од 24.12.2012, дотогаш најсрамниот ден во кусата македонска парламентарна демократија, а тогашниот спикер не понесе никаква одговорност.

Опозицијата речиси и нема никакви институционални шанси да извојува собраниска битка, додава Атанасоски, бидејќи вели, пратениците наместо да се самостојни народни избраници кои би гласале по сопствена воља и убедување, служат како гласачка машинерија на своите матични партии.

Се додека личните и партиските интереси ги ставаме пред националните и општествените ние ќе се соочуваме со внатредржавни проблеми, заклучува Атанасоски.

Лидер: Интерпелацијата за спикерот Џафери од денеска влегува во собраниска процедура. Недоличното однесување и затворањето на вратите се причините поради кои ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За обнова на Македонија ја поднесоа интерпелацијата на собранискиот спикер. Дали е оправдан потегот на опозицијата?

-Од морални, цивилизациски причини секако е оправдан, бидејќи станува збор за едно примитивно, долно, антифункционерско, во најмала рака неевропско однесување и поведение на првиот законодавец. Сепак од аспект на тоа кој тоа го поднесува е во најмала рака дегутантно. Истата таа опозиција, од позиција на власт го спроведе т. н,, Црн понеделник ” од 24.12.2012, дотогаш најсрамниот ден во кусата македонска парламентарна демократија. И нивниот тогашен спикер (Трајко Вељаноски), не поднесе никаква одговорност, ниту пак оставка. И второ, овој толку напаѓан претседател на Собранието, своевремено беше избран министер за одбрана, со пратеничките гласови од редовите на денешната опозиција, тогаш неприкосновена владејачка гарнитура заедно со партијата на актуелниот собраниски спикер Талат Џафери.

Лидер: Опозицијата најавува жестока собраниска расправа и не очекуваат дека интерпелацијата ќе биде изгласана, но велат – добро е граѓаните да го видат лицето на ДУИ и СДСМ, како сложно го бранат неодбранливото дивеење врз Уставот, Деловникот и законите. Која е целта со интерпелацијата ако претходно се знае исходот и заклучокот од неа?

-Целта е да се покаже дека Собранието е узурпирано од владејачката коалиција СДСМ/ДУИ и свое претставување како собраниски жртви. Тоа секоја опозициска коалиција го правела особено ако сакала да предизвика сериозни парламентарни проблеми, нефункционално Собрание, се со крајна цел на предизвикување на предвремени парламентарни избори, какви што самата опозиција и опозицискиот лидер, час поскоро ги бараат. Едноставно кај нас, од,, памти век”, односно од 1990 година кога станавме повеќепартиска демократија, опозицијата речиси и нема никакви институционални шанси да извојува собраниска битка, бидејќи пратениците наместо да се самостојни народни избраници кои би гласале по сопствена воља и убедување, тие служеа како гласачка машинерија на своите матични партии и гласаа под директива, колку и да се свесни дека тоа што го гласаат не чини.

Лидер: Како Македонија да излезе од повеќеслојната криза кога на дневен ред се ставаат “политичките битки“ наместо се потешкото економско функционирање на граѓаните?

– Невозможно е да излезе, односно постои само едно решение а тоа е созревање на политичката култура и поведение, за кое гледаме дека во изминатите три децении во однос на тоа не сме поместени ни за јота. Напротив многумина повозрасни јавни општественици велат дека првиот собраниски состав 1990-1994 до сега бил најдемократски, со највисок степен на политичка култура. Од тогаш па наваму ние одиме во тотална деградација и парламентарна декаденција. На крајот на краиштата и холандскот амбасадор в лице,, ни плесна ” дека секогаш личните и партиските интереси ги ставаме пред националните и општествените и дека се додека е тоа така (мене ако ме прашате секогаш ќе биде така, без никакви шанси за сериозна и драстична промена), ние ќе се соочуваме со овие и вакви слични проблеми.