Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика талибанците веднаш да ја прекинат офанзивата во Авганистан и предупреди дека „Авганистан излегува од контрола“.

– Ова е момент за запирање на офанзивата. Ова е момент за почнување сериозни преговори. Ова е момент за да се избегне продолжена граѓанска војна или изолација на Авганистан”, изјави Гутереш.

Талибанските милитанти зазедоа три големи авганистански градови и голем број провинциски главни градови, забележувајќи големи воени успеси во последните недели на терен, а исто така го затегнуваат обрачот околу Кабул, чија судбина сега е неизвесна.

Гутереш ги повика сите страни да направат повеќе за заштита на цивилите.

Тој, исто така, рече дека е „длабоко вознемирен од првите индикации дека tалибанците воведуваат строги ограничувања за човековите права во областите под нивна контрола, особено правата на жените и новинарите“.

-Особено застрашувачки се потресните извештаи за одземање на тешко стекнатите права на авганистанските девојки и жени, рече тој.

Под талибанска власт помеѓу 1996 и 2001 година, жените не можеа да работат, а на девојчињата не им беше дозволено да посетуваат училиште. Жените мораа да го покријат лицето и да бидат придружувани од роднина од машки пол, доколку сакаат да ја напуштат куќата.

ОН ја набљудуваат и проценуваат безбедносната состојба во Авганистан „час во час“ и преместуваат дел од персоналот во Кабул, но не евакуираат никого од земјата, изјави портпаролот на ОН.

ОН има околу 3.000 локални вработени и околу 300 меѓународни лица во областа во Авганистан.