Во 2023 година, Мјанмар стана најголемиот светски производител на опиум, претекнувајќи го Авганистан, кој со враќањето на талибанците на власт почна да ја потиснува трговијата со дрога. Оваа година, според проценките, Мјанмар произведе 1.080 метрички тони опиум, неопходен за производство на хероин, според извештајот на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ).
„Златниот триаголник“, граничната област меѓу Мјанмар, Лаос и Тајланд, долго време е центар за производство и шверц на дрога, особено метамфетамин и опиум. Севкупната проценета вредност на „опијатската економија“ на Мјанмар скокна на 1 до 2,4 милијарди долари, што е еквивалентно на помеѓу 1,7 и 4,1 отсто од БДП на земјата во 2022 година, се додава во извештајот, пренесува Би-Би-Си.
Минатата година во Мјанмар беа произведени 790 метрички тони опиум. Економијата на земјата е во голема мера погодена од конфликти и нестабилност откако војската ја презеде власта во 2021 година, при што многу земјоделци се свртеа кон одгледување афион поради лошиот пристап до пазарите, оштетената државна инфраструктура и високата инфлација.
Проценето производство на опиум за периодот 2022-23 година беше на највисоко ниво во изминатите 20 години, посочува УНОДЦ. Одгледувањето афион во Мјанмар стана пософистицирано, со зголемени инвестиции и примена на подобри методи, вклучително и подобрено наводнување и можна употреба на вештачки ѓубрива за зголемување на приносот.
Во Авганистан, по враќањето на власт, талибанците ветија дека ќе стават крај на нелегалното производство на дрога, а дотогаш најголемиот светски производител на афион му го отстапи местото на Мјанмар. Одгледувањето афион во Авганистан за кратко време доживеа целосен колапс. Имено, во 2022 година во Авганистан бил засаден афион на површина од 233.000 хектари, додека во 2023 година оваа површина се намалила на 10.800 хектари.