Затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални, кој требаше да биде во затвор во казнената колонија источно од Москва, наводно повеќе не е таму.

Имено, вработените во озлогласената Колонија 6 наведуваат дека Навални „повеќе не е регистриран“ кај нив, пренесува Медуза.

„Тие одбиваат да кажат каде е префрлен“, рече портпаролката на Навални, Кира Јармиш.

Таа исто така рече дека во поправната колонија бр. 7 на Владимирската област, колонија на специјален режим, на адвокатот му било кажано дека Навални не е таму.

„Во петокот и во текот на денешниот ден, ниту ИК-6, ниту ИК-7 не им одговорија на адвокатите. Очигледно, сега ја добија командата. Сè уште не се знае каде се наоѓа Алексеј“, рече Јармиш.

Соработниците на Навални предупредија дека нешто се случувало пред неколку дена. Потоа рекоа дека три дена немаат вести за него.

Имено, денеска Навални повторно не е вклучен во рочиштето преку видео врска, а наводно минатата недела одбиле да му дозволат на адвокатот да го посети во колонијата.

Навални беше осуден на 19 години затвор во август, откако беше прогласен за виновен за создавање екстремистичка заедница, финансирање екстремистички активности и многу други злосторства.

Поддржувачите на Навални тврдат дека неговото апсење и затворање се политички мотивиран обид да се задуши неговата критика кон рускиот претседател Владимир Путин.