Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува загриженост во однос на изјавата на претседателот на политичката партија СДСМ, Венко Филипче, во која беа изнесени обвинувања и квалификации за политичка и финансиска зависност на ТВ Алфа.
-Јавното етикетирање и инструментализација на медиумите во политички конфронтации не е во согласност со демократските принципи, ниту со гарантираната слобода на изразување. Апсолутно е недозволиво носител на јавна функција да користи дискредитирачка реторика која придонесува кон поларизација во медиумскиот простор и може да ја наруши довербата на јавноста во медиумите. Доколку постојат сомнежи за евентуални незаконитости или нерегуларности во работењето на медиумите, наместо преку јавни обвинувања или политички квалификации тие треба да се изнесат пред надлежните институции за понатамошно постапување, се наведува во нивното соопштение.
АВМУ ги повикува сите политички субјекти да се придржуваат кон одговорна и конструктивна комуникација и да се воздржат од изјави кои можат да ја нарушат довербата во медиумите или да создадат притисок врз нивното работење.
