Скопскиот Кривичен суд информира дека во моментот против поранешниот премиер Никола Груевски се активни две потерници за извршување на санкции. Судот објави и податоци за состојбата со повеќе предмети во кои тој е осуден.
„Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“ со тековни рокови за извршување
За предметот познат како „Насилство во Центар“, со пресуда К.бр. 1904/16, оформен е предмет за извршување на затворска казна КУИКП 1094/21 во траење од 1 година и 6 месеци. Според судот, рокот за извршување на казната застарува на 10.09.2027 година.
Во однос на предметот „Плацеви на Водно“, со пресуда КОК 63/21, оформен е предмет за извршување на затворска казна КУИКП 732/23, со единствена казна затвор од 9 години. Извршувањето на оваа казна застарува на 14.02.2043 година.
Од судот информираат дека за истиот предмет е изречена и парична казна која не била наплатена, поради што е заменета со казна затвор во траење од 180 дена, со рок на застарување на 14.02.2027 година.
„Тенк“ – застарена извршна постапка
За предметот „Тенк“, со пресуда КОК 59/17, оформен е предмет за извршување на казна затвор во траење од 2 години (КУИКП 1807/18). Кривичниот суд наведува дека извршувањето на оваа казна е застарено на 16.10.2024 година.
Во соопштението се појаснува дека Груевски е огласен за виновен за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 2 од Кривичниот законик, а пресудата станала правосилна на 4.10.2018 година.
Судот наведува дека апсолутната застареност за извршување настапила на 4.10.2024 година, согласно членовите 109 и 111 од Кривичниот законик, по што е донесено решение за апсолутна застареност по службена должност.
Судења во отсуство во други предмети
Дополнително, од Кривичниот суд информираат дека против Груевски се водат и постапки во кои му се суди во отсуство, бидејќи не е достапен за органите на прогонот. Станува збор за предметите познати во јавноста како „Титаник“ и „Талир 2“.
