Австралија ќе издвои речиси 736 милиони австралиски долари, односно околу 475 милиони американски долари, за набавка на ракети воздух-воздух од новата генерација АИМ-260 (AIM-260 JATM). Со оваа набавка, земјата ќе стане првата држава надвор од САД што ќе располага со ова оружје.

Набавката ја објави австралискиот министер за одбрана Ричард Марлес за време на меѓународната воздухопловна воена вежба „Пич блек“ во Дарвин.

„Ова е уште еден важен чекор во развојот на нашите способности за дејствување на големи далечини и за одвраќање на потенцијални противници“, изјави Марлес.

Ракетата е развиена од американската компанија „Локхид Мартин“, а Австралија ќе ја набави преку американската програма за странски воени продажби (FMS).

Во првата фаза АИМ-260 ќе биде интегрирана во борбените авиони Ф/А-18Ф „Супер хорнет“ (F/A-18F Super Hornet) на Кралските австралиски воздухопловни сили. Подоцна, ракетите ќе бидат воведени и на авионите Ф-35А „Лајтнинг II“ (F-35A Lightning II) и ЕА-18Ѓ „Гроулер“ (EA-18G Growler).

Австралиската влада оцени дека набавката ќе придонесе за зајакнување на повеќеслојната воздушна и противракетна одбрана на земјата. Според владата, ракетите ќе ги подобрат и способностите за дејствување на големи растојанија, како и интероперабилноста со вооружените сили на САД.